Зголемување на трговската размена и заеднички проекти, клучни за македонско-бугарската економска соработка

Регионалната соработка е единствен клуч за надминување на последиците од светската економска криза. За Македонија и Бугарија предизвик во таа насока треба да бидат зголемување на трговската размена и учество во заеднички енергетски и инфраструктурни проекти.

Тоа го изјави македонскиот министер за економија Ваљон Сарачини  по денешната билатерална средба во Софија со неговиот бугарски колега Трајчо Трајков.

Двајцата министри, јави известувачот на МИА, разговараа за можностите за интензивирање на трговската размена, која во првите 11 месеци од минатата година изнесуваше 707.609.000 долари, од кои извоз 285.802.00 долари и увоз од 421.807.000 долари, со дефицит на македонска страна од 136.005.000 долари.

Министрите за економија на Македонија и на Бугарија гледаат можност за соработка во заеднички енергетски проекти, за што  повторно ги отвориле темите за  македонско учество во изградбата на бугарската нуклеарна електрана „Белене„, како и за нафтоводот АМБО. Сарачини  од Трајков  побарал повеќе информации за  „Белене„, за текот на активностите и како македонските компании може да се вклучат во тој проект.

- Добивме ветување дека проектот ќе ни биде испратен во писмена форма со што заедно со МАНУ ќе го разгледаме  и ќе можеме да го претставиме и пред нашата деловна заедница, изјави Сарачини.

Во однос на нафтоводот АМБО каде работиите се  во статус кво состојба уште од 2005 година, како што рече Сарачини,  се планира  да се изготви студија за влијанието на животната средина  која чини 10 милиони евра, а потоа да се отворат три регионални канцеларии во Македонија, Бугарија и во Албанија. 
.
На средбата станало збор и за доизградба и модернизација на железничката и патната инфраструктура на Коридорот 8, како клучно за економскиот развој на двете земји.  Има можност, сметаат министрите, и за соработка во туризмот.

- Укажавме дека во  Македонија   минатата година имало 15.000 бугарски туристи што е пораст  од 20 проценти во однос на 2010 година. Натамошната соработка може да се интензивира преку креирањето заеднички туристички производ за привлекување туристи од трети земји,  организирање  семинари  и тренинзи со екстери од туризмот  во Македонија и во Бугарија со цел да разменат изкуства, рече Сарачини.

Тој со бугарскиот колега се договорил во втората половина на април да се одржи првата седница на Мешовитиот комитет меѓу министерствата за економија на Македонија и Бугарија, согласно Договорот за економска соработка, што се применува од ноември 2010 година

Со вкупен износ на инвестиции од 116.190.000 евра во периодот 1997-2010 година Бугарија е меѓу првите 10 странски инвеститори во македонската држава.

Посетата на Сарачини во Бугарија е дел од неговата агенда за посети во регионот за интензивирање на регионалната соработка. Претходно македонскиот министер за економија беше во посета на Албанија, Косово, Турција, а беше домаќин на неговиот српски колега.