На 7.12.2018 година во организација на Националната универзитетска библиотека – „Св. Климент Охридски“, владина делегација во состав од министерот задолжен за подобрување на инвестициска клима за домашните компании, Зоран Шапуриќ, министерот задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил и националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски присуствуваше на свеченоста по повод патрониот празник Св. Климент Охридски - 8ми Декември.
Свеченоста започна со положување свежо цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски и продолжи со музичка точка и доделување на наградата „Библиотека на годината“.
Централниот дел од свеченоста беше уметнички перформанс наречен „Емоции“ посветен на македонскиот книжевник и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, Блаже Конески, по повод 25 годишнината од неговата смрт.
На 8.12.2018 година во организација на Владата на Република Македонија, се одбележа празникот Св. Климент Охридски со свечено положување на свежо цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски пред Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Покрај владината делегација предводена од министерот за образование и наука, Арбер Адеми, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, Аксел Ахмедовски, свежо цвеќе положија и делегации од Собранието на Република Македонија, од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Армијата на Република Македонија, Сојузот на борци од НОВ, како и дипломатските претставници и претставници на останатите институции, политички партии и здруженија на граѓани.