Премиерот Зоран Заев денеска во Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров” во Штип, учествуваше на четвртата јавна дискусија за нацрт-амандманите за измени на Уставот, согласно Договорот од Преспа.
Покрај премиерот Заев, на јавната дискусија учествуваа и судијката Маргарита Цаца Николовска и универзитетскиот професор Ѓорѓи Спасов, кои дадоа експертско мислење за уставните измени.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски ја отвори дискусијата потенцирајќи дека искажувањето на сугестии и мислења за нацрт-амандманите за измени на Уставот, е добредојдено заради побрзо остварување на придобивките од Договорот во Преспа, односно остварувањето и на последниот чекор за приближување на Македонија кон НАТО и Европската Унија.
Премиерот Зоран Заев пред многубројните присутни ги презентираше нацрт – амандманите, укажувајќи на потребата за носење на уставните измени за конечно исполнување на повеќе децениското очекување за отворање на реалната перспектива на Македонија за влез во НАТО и во ЕУ.
Подвлекувајќи ја инклузивноста на процесот и отвореноста за нови предлози, премиерот Заев повтори дека Договорот со Грција е пријателски, фер и правичен и на Македонија ќе обезбеди стабилност, безбедност и подобар економски стандард.
„Дека договорот е правичен докажува и критичкиот осврт на опозицијата и во Македонија и во Грција, кои до сега не смогнаа сили да го решат овој долгогодишен проблем, иако тврдат дека ги подржуваат евроатлантските интеграции на нашата земја. Но, денеска имаме поддршка од народот, кој покажа дека почитува лидерство и лидерски одлуки и затоа за мене тоа е важно“, рече премиерот Заев, додавајќи дека со нацрт-амандманите се предвидува додавката Северна, која реално е географска одредница, но истовремено ја задржува нашата идентификација како македонски народ, кој говори македонски јазик.
Во своето излагање премиерот Заев подвлече дека во нацрт – амандманите се вградени предлози на пратениците и посочи на одлуката, уставните измени да стапат на сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО.
„Убеден сум дека преку инклузивниот процес, со внесување на сите одржливи сугестии, Република Македонија може да обезбеди двотретинско мнозинство во Парламентот, бидејќи одговорноста е наша и тоа им го должиме на нашите деца, да го заокружиме процесот и да се посветиме на економскиот, образовниот, правниот развој на нашиот систем“, истакна премиерот Заев.
Судијката Цаца Николовска, оцени дека нацрт-амандманите се клучен основ за понатамошно опстојување на Македонија и нејзино вклучување во меѓународните организации, особено на Европската Унија. Таа во своето обраќање изнесе неколку предлози кои се однесуваа на нацрт-амандманите, осврнувајќи се на важноста Договорот од Преспа да биде дел од Преамбулата.
Професорот Ѓорѓи Спасов подвлече дека јавната дискусија е прилика не само за подобрување на нацрт-амандманите, туку и за убедување на голем дел од јавноста за оправданоста од овој чин и докажување дека не се точни тврдењата дека Договорот е штетен и со него ќе исчезне македонската држава и македонскиот народ. Спасов додаде дека Македонија со промената на надворешната политика ги напушти националистичките позиции и ја врати самодовербата на нацијата со цел да се остварат посакуваните цели за перспективна Македонија.
На јавната дискусија во Штип, премиерот Заев одговараше на прашања на граѓани подвлекувајќи дека сите дилеми околу тоа дали имплементацијата на Договорот од Преспа ќе го почитува грчката, зависат само од нашите одлуки:
„Ние одлучуваме за сè. Од нас зависи и Договорот со Грција и она што треба понатаму да го градиме за да ги оствариме посакуваните придобивки“, рече премиерот и додаде дека за него, како премиер, е најважно да го одржува пријателството со соседите да ги негува европските стандарди и изрази убедување дека тоа ќе биде остварено заедно со сите земји-членки на ЕУ.
Предлозите и сугестиите, кои беа изнесени и на денешната четврта јавна дискусија, заедно со сите експертски осврти и мислења на граѓани ќе бидат сумирани од Владата и ќе бидат доставени во Собранието.