Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски денеска во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, учествуваа на 14. Меѓународната конференција „е-Општество“, во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.
На Конференцијата, со тема „Медиумски писмени граѓани за одговорни институции“, во пет одделни сесии се опфатени приоритетите во областите на слободата на изразување, медиумска писменост, транспарентноста и отчетноста. Беше констатирано дека е потребна координација и соработка со граѓанскиот сектор, бизнисите и академската заедница, со цел подобрување во работата на институциите и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани.
Министерот Манчевски во своето обраќање се осврна на посветеноста на Владата преку транспарентноста и отчетноста на институциите да се доближи нивната работа до граѓаните, истакнувајќи ја посебно улогата на дигитализацијата на услугите, која како што најави, ќе резултира со конкретни проекти во 2019 година.
„Со пуштање на употреба на националниот портал за е-услуги на почетокот на следната година и со можноста секој граѓанин да го активира својот електронски идентитет, долгите, сложени и нетранспарентни процеси за добивање на документи и услуги ќе бидат минато. Секој ќе може од својот електронски уред да ја добие потребната услуга. Дигитализацијата на овие процеси, ќе го намали влијанието на човечкиот фактор, а со тоа ќе се намалат и можностите за корупција“, рече министерот Манчевски и додаде дека дигитализирањето на услугите ќе се врши со водење грижа за приоритетите, согласно потребите на граѓаните и бизнис секторот.
Министерот Манчевски најави и дека Владата, покрај практиката на објавување на најчесто бараните документи, идната година ќе се посвети и на надградба на системот ЕНЕР, со цел да се овозможат онлајн дискусии, а не само коментари како што беше досега, во однос на предложените законски решенија од страна на институциите.
„Пред крајот на овој месец во употреба ќе биде пуштен новиот портал за отворени податоци, кој денеска го презентираме пред колегите министри на седница на Владата“, најави министерот Манчевски, потенцирајќи дека покрај транспарентноста во работењето, се покажува дека и отворените податоци можат да бидат силен поттик за социјален и економски развој, во насока на подобрување на управувањето и јавното учество во централната и локалната власт.
Говорејќи за медиумската писменост на граѓаните, министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски истакна дека таа е силно и двонасочно поврзана со отчетноста на институциите констатирајќи дека со зголемувањето на бројот на медиумски писмени граѓани се зголемува и бројот на одговорни, отчетни институции.
„Како силни застапници на концептот „Отворена влада“, кој во себе, меѓу другото, ги обединува комуникациите, транспарентноста и отчетноста, постојано имаме предвид да создаваме услови за да бидат исполнети функционално трите идеални улоги на медиумите кои можат да имаат огромно влијание врз доброто владеење, транспарентноста и одговорноста“, подвлече министерот Поповски.
Во оваа насока, министерот Поповски ја оцени улогата на медиумите како набљудувачи и укажувачи, кои го штитат јавниот интерес преку следење на моќните сектори на општеството за откривање на случаи на злоупотреба на власта, криминалот и корупцијата, како и ширењето на лагите и дезинформациите.
Министерот Поповски се задржа и на последните извештаи на меѓународните институции и организации кои констатираат дека Република Македонија има демократско подобрување и станува држава со најветувачка шанса за демократски прогрес во Европа, како и дека е направен добар прогрес во слободата на изразување и подобрување на климата за работа со медиумите и намалување на притисокот врз нив. Министерот Поповски укажа и на истражувањето на „ACTION SEE“ дека Владата на Македонија е најотворена меѓу владите од регионот.
„Овие признанија за нас се само мотив да продолжиме во таа насока и уште повеќе да ги правиме достапни и транспарентни политиките и практиките на Владата. И тука ја докажуваме поврзаноста помеѓу отчетноста и медиумската писменост - колку властите ги прават информациите повеќе достапни и повеќе разбирливи за граѓаните, толку сме поблиску до објективно информирање и до точно разбирање на вестите кои гравитираат во медиумите, а кои граѓаните ќе ги препознаат како точни и објективни“, подвлече министерот Поповски.
Во првата сесија се обратија и извршниот директор на „Метаморфозис“, Бардил Јашари и извршната директорка на Фондацијата „Отворено општество - Македонија“ Фани Каранфилова Пановска и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар.
Тие се осврнаа на важноста на медиумската писменост, укажувајќи дека постојат многу предизвици во насока на подобрување на знаењата и вештините на граѓаните, за полесно оценување на информациите кои доаѓаат до нив од различни страни. Говорниците се согласија дека е потребно поддржување на проекти и заедничка платформа во насока на полесно справување со манипулациите и лажните вести од страна на граѓаните и следствено зголемување на нивната доверба во институциите кои ги почитуваат принципите на транспарентност и отчетност.