Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој - ЕБОР, денеска го потпишаа Договорот за ВБИФ грант од 68,6 милиони евра за изградба на втората делница од железничката пруга на Коридор VIII, Бељаковце - Крива Паланка.
Ова е најголемиот инвестициски грант кој и е доделен на Македонија за инфраструктурен проект досега, рече министерот за финансии Драган Тевдовски по потпишувањето на Договорот.
- Со влегувањето на овие средства во финансиската конструкција за делницата Бељаковце - Крива Паланка, имаме повеќе придобивки. Прво се намалува каматниот трошок на земјата. Со склучувањето на договорот за грант ќе се овозможи намалување на заемот доделен од ЕБОР за втората фаза, кој е во износ од 145 милиони евра. Второ, се остава повеќе фискален простор, односно е во насока на добро менаџирање со јавниот долг. Трето, кога ќе се ефектуира грантот, тој ќе биде значајна инјекција во македонското стопанство, потенцира Тевдовски.
Проектот за доизградба на железничкиот Коридор VIII има за цел да го поврзе Црното Море со Јадранско Море. Со воспоставување на овој Коридор ќе се развие систем на превоз што ќе придонесе кон зголемување на трговската размена, подобрување на конкурентноста, развој на економијата и комуникацијата со европските земји.
- Подобрената поврзаност е преодна фаза кон заедничка иднина. По завршувањето на проектот, жителите на двата главни града Скопје и Софија ќе може да ја минуваат раздалечината меѓу нив со воз. Транспортот на добра ќе биде поефтин и полесен. Ова ќе доведе до поголема поврзаност меѓу овие две држави како и меѓу сите земји долж коридорот VIII, постојните и идните земји членки на ЕУ, вели амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.
Досега ЕУ има доделено 220 милиони евра за секторот транспорт во Македонија.
Со реализацијата на овој проект ќе се зајакне регионалната поврзаност, истакна Анка Јоанеску, директор на канцеларијата на ЕБОР.
- Со денешното потпишување на овој Договор во износ од 68,6 милиони евра се дополнуваатпостојните заеми од ЕБРД за фаза 1 и фаза 2 од Проектот за рехабилитација и доизградба на железничката пруга долж Коридор 8, чиј вкупен износ е повеќе од 190 милиони евра. Со овој грант се кофинансира фаза 2, делницата помеѓу Бељаковце и Крива Паланка. Дополнителни грант средства во вкупен износ од 5,7 милион евра беа обезбедени од Инвестициската рамка на Западен Балкан за поддршка на подготовката и реализацијата на проектот, информира Анка Јоанеску, директор на канцеларијата на ЕБОР.
Овој грант ќе биде искористен за ко-финансирање на изградбата на приближно 34 километри железничка инфраструктура, од Бељаковце до Крива Паланка, втора фаза на проектот за Коридор 8, кој откако ќе биде финализиран, ќе биде дел од Транс-Европската транспортна мрежа, поврзувајќи ја Македонија со Албанија на запад и Бугарија на исток.