Средба на министерот Попоски со австралиската амбасадорка Стадерт
На средбата, Министерот Попоски и Амбасадорот Стадерт разговараа за потребата од унапредување на билатералните односи меѓу Република Македонија и Австралија. Притоа, изразен е интерес од министерот Попоски за посета на Австралија во текот на оваа година, како и за можноста австралискиот министер за надворешни работи, Кевин Рад да ја посети Република Македонија во наредниов период.
Во разговорот беше нагласена потребата од унапредување на економската соработка и трговската размена, како и од поголема меѓусебна информираност на стопанските субјекти од двете држави за можностите и економските поволности што ги нуди Република Македонија за потенцијалните инвеститори од Австралија.
Министерот Попоски го нагласи интересот за унапредување на договорната состојба, преку потпишување на веќе иницираните договори од економската сфера, пред сé Договорот за заемна заштита и поттикнување на инвестициите и Договорот за одбегнување на двојното оданочување.
Изразено е заемно задоволство од досегашната соработката меѓу двете држави на мултилатерален план, при што е изразена подготвеност за нејзино натамошно динамизирање.
Двете страни го истакнаа местото и значењето на бројната македонска иселеничка заедница во Австралија, како мост за соработка и комуникација меѓу двете земји, при што министерот Попоски го нагласи нашиот интерес за олеснување на визниот режим за граѓаните на Република Македонија кои патуваат во Австралија.
Посетата на Амбасадорот Стадерт на Македонија се реализира во период на Националниот празник на Австралија, што беше пригодно одбележан и во Република Македонија.