Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска присуствуваше на отворање на новите простории во објектот „Јасмин“ во населбата Тафталиџе во општина Карпош.
„Ги прошируваме капацитетите на градинките, но со повисоки стандарди и со цел да ги подобруваме условите за нашите најмлади. За следната година Буџетот за нови градинки и подобрување на предучилшното образование го зголемивме за 300%. Работиме посветено и во следните четири години се стремиме да го зголемиме опфатот на деца во градинките на 50%. Истовремено, го менуваме начинот на кои државата се грижи за децата. Градинките ги трансформираме од место во кое децата јадат и спијат во организации кои работат на развој на децата“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Новиот објект, кој има капацитет од 382 м2, во изминатиов период се реконстрираше и се приспособи со работни простории со повисоки стандарди за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст.
Објектот претрпе измени во главниот влез. Се изведе пред простор, ходник со гардероби за деца, 4 занимални, пред простор на санитарни простории за деца, 2 санитарни простории за деца, административна просторија со простор за изолација на болни деца, гардероба за негователи и воспитувачи, пред простор на санитарна просторија за вработениот кадар, пред простор за кујна и котлара. Со извршената измена објектот „Јасмин“ ќе функционира со капацитет за згрижување на 95 деца.
Министерството за труд и социјална политика посветено работи на изградба на нови градинки и проширување на капацитетите за згрижување на предучилишни деца. Во изминатиов период се отворија 11 градинки со капацитет од 600 деца поради што се обезбедени 68 вработувања. До крајов на годинава ќе се отворат нови 11 градинки со што бројот на незгрижени деца во градинките значително ќе се намали. Тоа се 24 градинки кои за неполни две години колку што министерката Царовска е во министерството за труд и социјална политика ќе бидат отворени. Ова покажува дека власта освен што инвестира повеќе пари во детската заштита, посветено работи и на подобрување на условите за згрижување на деца од предучилишна возраст, дури и во општините кои со години беа запоставувани.