Клиниката за детски болести доби донација – централизиран мониторинг систем за следење на виталните кардиолошки и белодробни функции кај најмладите пациенти

Универзитетската Клиника за детски болести, денеска доби донација од организацијата „Проект Хоуп“ (Project Hope) – централизиран мониторинг систем за следење на виталните кардиолошки и белодробни функции кај најмладите пациенти.

Министерот за здравство, Венко Филипче изрази голема благодарност за донацијата, со која се олеснува работата на медицинскиот кадар, но најмногу им олеснува на нашите најмали пациенти.

Универзитетската Клиника за детски болести доби пратка со потрошни материјали од круцијално значење (умбилични катетри, пиклајни, торакални катетри и слично), специјален транспортен монитор за пациенти кој е компатибилен за MRI, но и централна станица за мониторинг на пациенти со вкупна вредност од околу 70,000 евра.

„Би сакал да најавам дека следната година во рамките на ПериМак проектот и врз основа на анализи и проценка на состојбата во родилиштата во уште две Здравствени установи во Македонија, Клиничка Болница Тетово и Општа болница Куманово, Проект ХОПЕ ќе донираат стандардни пакети на опрема на неонатолошките, педијатриските и гинеколошките оддели, согласно светските стандарди, а во вкупна вредност од над 250.000,00 евра“, изјави министерот Филипче.

Министерот Филипче рече дека со оваа донација, Министерството за здравство продолжува да работи во насока на подобрување на здравјето на мајките и децата преку намалување на заболувањата и елиминација на ризици за можна смртност кај жените кои се поврзани со бременост и породување.

„Посветени сме целосно на исполнување и на основниот принцип на целите за одржлив развој на ОН - “никој да не биде изоставен“ и сите мерки и активности ги создаваме во таа насока. Отворени сме и во иднина за соработка со сите стручни здруженија, експерти од областа, како и претставници од невладиниот сектор“, истакна министерот Филипче.

Директорката на Универзитетската Клиника за детски болести Катарина Ставриќ изрази голема благодарност за донацијата од организацијата Проект ХОУП, со која се заокружуваат три годишните активности и одделението на Интензивна нега ги постигна критериумите за да стане центар на одличност во Република Македонија.

„Сето ова беше овозможено со взаемната соработка на Проект ХОПЕ од Германија и локалната канцеларија на Проект ХОПЕ во Македонија, како и соработката со Министерството за Здравство на Република Македонија со што ПериМак стана национална програма, но и несебичната поддршка од нашите долгогодишни партнери и донатори. Искрено се надеваме дека од тука натаму Министерството ќе ја продолжи оваа работа секако со наша поддршка“, потенцираше Ахим Екерт, Проект Менаџер, од Проект ХОПЕ Германија.