Денеска сме во посета на Секторот за внатрешни работи - Велес, во објектот кој комплетно го реновиравме со цел да обезбедиме подобри услови за работа за полициските службеници, што е дел од програмата која ја спроведуваме во изминатите година ипол, а ќе продолжиме и во иднина, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по посетата на СВР Велес.
Во овој објект вложени се 3.600.000 денари и извршена е комплетна санација на покривната конструкција, замена на целата фасадна столарија со ПВЦ прозорци, фарбање на фасадата, молерофарбарски работи на целиот објект, изработка на бетонско плато во кругот на Секторот, како и изработка на вентилација и канализација во магацинот за чување на оружје.
- Она што го затекнав кога дојдов во МВР беа голем број запуштени и руинирани објекти, полициски службеници за кои цела деценија не беше набавена униформа, многу лоши услови за работа. Веднаш се зафативме за работа и еве, ги гледате резултатите. Полициските службеници постојано во текот на оваа година добиваат нови униформи, ги реновираме објектите за да обезбедиме соодветни услови за работа, а од овој месец ја зголемивме и платата на полициските службеници. Се разбира ние на ова нема да застанеме туку со овие активности продолжуваме и во текот на наредната година за кога планираме да вложиме нови 70 милиони денари за реновирање и реконструкција на објекти - рече министерот Спасовски.
На средбата со раководството на СВР Велес се разговараше за безбедносната состојба на подрачјето на СВР Велес, која е стабилна и има подобрување во многу сфери од работењето на полицијата.
- Имаме зголемување на откривачката дејност, а особено внимание посветуваме на сообраќајот. Речиси двојно во однос на минатата година се зголемени контролите и изречените санкции особено за возење под дејство на алкохол и прекорачување на брзината на движење. Продолжуваме со активностите, се со цел поголема безбедност на граѓаните. Резултатите од работата на полицијата се гледаат и од последната анкета на ОБСЕ, каде 75 отсто од граѓаните се изјаснија дека се чувствуваат безбедни. Но, ние не се задоволуваме со тоа и во иднина ќе работиме за овие бројки уште повеќе да се зголемат - рече Спасовски.