ЈЗУ Здравствен Дом - Струмица, денеска доби донација - возило за домашна нега од Министерството за здравство и граѓанското здружение „Сано“. Станува збор за донација на возило кое ќе биде употребено за домашна нега на хронично болни пациенти и лица од социјален ризик, на населени места каде што нема матични лекари.
Донацијата ја предаде министерот за здравство, Венко Филипче и истакна дека на овој начин се зајакнуваат капацитетите на мобилните тимови за домашна посета кои ќе го зголемат спектарот на здравствените услуги во руралните средини.
„Во овој период, хронично болните лица имаат најголема потреба за редовни посети и прегледи од здравствени работници. Токму поради тоа, во населените места каде што нема матичен лекар оваа здравствена услуга на хронично болните пациенти и лицата од социјален ризик ќе им се врши во домашни услови“, потенцираше министерот Филипче.
Директорката на ЈЗУ Здравствен Дом - Струмица, Љубица Митева се заблагодари за донацијата, која во вистинско време е донирана во оваа болница.
„Во овие празнични и зимски денови кога интензитетот на бараните услуги во конзумот кој го покрива ЈЗУ Здравствен Дом - Струмица е зголемен со задоволство можам да констатирам и убедена сум дека медицинските тимови (тимовите од патронажната служба) ќе бидат навреме присутни секаде каде ќе се потребни“, изјави директорката Митева.
Независно дали ќе се работи за мерење на крвен притисок, шеќер во крвта, консултација околу земање на терапија или слично, сето ова навреме ќе биде овозможено со посета од страна на медицинските тимови во болницата.
ЈЗУ Здравствен Дом - Струмица покрива голем конзум на корисници во повеќе од 75 населени места. Во Струмица има доволно медицински кадар за извршување на оваа домашна нега.