Груевски очекува Пападимос позитивно да одговори на поканата за средба
Директните средби на повеќе нивоа и одржувањето суштински разговори за спорот за името меѓу Македонија и Грција ќе бидат од помош за двете земји, а одлуките ќе се донесат под покровителство на ОН, изјави денеска во Битола премиерот Никола Груевски отфрлајќи ги пишувањата во грчките медиуми оти неговата покана за средба била трик.
- Тоа се обвинувања, колку што разбрав од некои од медиумите и не би сакал да навлегувам во полемика со грчките медиуми, но ќе забележам дека се надевам оти не е подготовка од страна на политичарите за создавање терен. Се надевам дека премиерот и луѓето околу него немаат врска со тие натписи и дека ќе ја прифатат средбата, рече Груевски.
Тој посочи дека Македонија се бори за сопствените интереси и сака да ги нормализира односите и да го реши прашањето за името за да станеме членка на НАТО и на ЕУ, но не само заради тоа, туку бидејќи сака нормализирани односи со сите соседи вклучувајќи ја и Грција.
За најавата од ЕК за отпочнување пристапен дијалог на високо ниво премиерот оценува дека ќе овозможи забрзување на евроинтеграцијата на земјата.
- Она што е најавено уште минатата година кога Баросо ја посети Македонија е дека од годинава почнуваме таканаречен висок дијалог помеѓу Унијата и Македонија, кој ќе биде на конкретни теми и конкретни области кои ќе треба да ги унапредиме и по кои ЕК ќе не следи и ќе ни помага. Тоа не е скрининг туку нешто слично на тоа што треба да не придвижи, односно доколку можеме работите што се дел од скринингот во меѓувреме да ги завршиме додека не се надминат бариерите кои се поставени на Македонија. Да не стоиме во место или да не одиме со мал напредок, туку со поголем со помош на ЕК и укажување од нивна страна каде ни се слабостите и што е она што може да го подобриме, како со примери од други држави кои отишле во нешто понапред. Ние сакаме да одиме напред и да спроведуваме реформи и тоа го правиме сега, но уште подобро ќе биде кога некој однадвор ќе ни ги дава најдобрите искуства и добри насоки, така што годинава тоа ќе започне, независно што ќе се случува, и ќе ни овозможи поголем напредок, истакна Груевски, кој денеска во Битола пушти во употреба нова спортска сала и предаде современа медицинска опрема.