На денешната 112-та седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за најавата од Европската Унија за воведување на конечни заштитни мерки за челични производи, и го задолжи Секретаријатот за европски прашања, во координација со Министерството за економија, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Царинската управа и Кабинетот на ЗПВРМ за економски прашања, да го подготви барањето за консултации со Европската комисија и да го достави до Постојаната Мисија на РМ во Женева, најдоцна до 27.12.2018 година, како и да се организира средба со засегнатите компании од анти-дампинг постапката за челични производи отворена од страна на ЕУ, најдоцна до 20 јануари, 2019 година, за усогласување на решенија од воведувањето на заштитните мерки.
На оваа своја седница Владата на РМ ја разгледа и усвои Националната транспортна стратегија 2018 - 2030, како оперативен стратешки документ.
Една од целите на оваа стратегија е да се подобри економската ефикасност, сигурноста и пристапноста на транспортот, влијанието врз животната средина на постојните и идните транспортни активности и да се обезбеди интеграција со другите секторски политики, како и да се развијат активности, кои се однесуваат на слабостите во транспортниот сектор на регионално и национално ниво. Активностите да го опфаќаат периодот од 2018 до 2030 година со индикативна листа на проекти, активности и политики за реализација за периодот што го опфаќа стратегијата.
На предлог на Министерството за локална самоуправа на денешната седница на владата е усвоен пакет Информација со барање за измена на Одлука за доделување средства за финансирање на проекти за развој на планските региони во 2018 година, за измена на Одлука за доделување средства за финансирање на проекти за развој на селата во 2018 година, измена на Одлука за доделување средства за финансирање на проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби во 2018 година.
Сите овие одлуки имаат за цел да динамизираат реализација на средствата предвидени инфраструктурни проекти и проекти за заштита на животната средина за овие подрачја.
Владата на Република Македонија ја донесе Одлуката за донесување на Енергетскиот биланс на Република Македонија за 2019, како индикативен плански документ кој ги утврдува потребите од вкупните количества на енергија, како и видовите енергија во Републиката и можностите за нивно обезбедување со производство од домашните капацитети или од увоз.
На денешната седница Владата го прифати усогласениот текст на Меморандумот за соработка меѓу Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Владата на Република Македонија за реализација на Проект „Носење промени - добро управување и ефективност во јавната администрација“.
На денешната седница, Владата на РМ донесе одлука 2 јануари да биде неработен ден за вработените во јавната администрација, со препорака истото да биде прифатено и од страна на приватниот сектор.
Со одлука на Владата на РМ, на денешната седница на Министерството за здравство му е одобрено да започне постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на мамографи, за потребите на јавните здравствени установи во Република Македонија, во вкупна вредност од 85.000.000,00 денари, која треба да се реализира во фази во 2019, 2020 и 2021 година.
На предлог на Министерството за финансии Владата ја усвои Предлог-одлуката за утврдување на максималниот износ на ново задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2019 година во висина од 9.225.000.000,00 (девет милијарди двестотинидваесетипет милиони) денари.
Во согласност со начелото на Владата за транспарентно и отчетно трошење на државните средства, на денешната седница е донесена одлука со која се задолжуваат директорите и замениците на директорите на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на Министерствата и на Инспекцискиот совет, и со која им се укажува на директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, на правните лица со јавни овластувања и на акционерските друштва во државна сопственост, заради прегледност при пребарување, дигиталниот банер за отчетност за трошењата на носителите на јавни функции да биде поставен на главната [HOME] страна од веб страниците на институциите.