Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев одговараа на новинарски прашања: Искористени се сите предвидени средства во Буџетот и ребалансот на Буџетот за поддршка на економијата во Република Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев денеска, во Музејот на современа уметност присуствуваа и говореа на презентирањето на проектите од таканаречениот „втор инвестициски бран“, кој се реализира во рамки на првиот повик од Столб 3 од Планот за економски раст.

 

 

По настанот, претставниците на Владата одговараа и на прашања од интерес на новинарите, кои ви ги пренесуваме во целост:

Прашање: Јас би сакала прво да ве прашам за Планот за економски раст. Вицепремиерот најави дека во наредните три дена ќе биде целосно исплатени средствата за компаниите и од првиот и од вториот столб. Колку што се сеќавам, околу 50 милиони евра беа предвидени оваа година, токму за Планот за економски раст. Колку од средствата се искористени од компаниите, колку фирми точно ќе добијат средства од сите столбови и статистика ако може да ни кажете како оваа година е искористеноста на парите од Планот за економски раст?

Одговор на премиерот Заев: Господинот Анѓушев ќе каже, јас знам дека со оваа бројка стигнуваме до некаде повеќе од 250 компании. Драго ми е што токму тие компании го дигаат просекот на платите во Македонија. Огромен е процентот на реализација на Буџетот за поддршката на компаниите, односно сето она што конечно со ребалансот беше предвидено. Верувам се исплаќа до самиот крај. Но, еве деталите ќе ги каже потпретседателот на Владата, Анѓушев, заради тоа што и тој располага со тој Буџет.

Одговор на вицепремиерот Анѓушев: Сите предвидени средства во Буџетот и ребалансот на Буџетот кои што беа за поддршка на економијата во Република Македонија се искористени. Заклучно со утре, ќе бидат сите тие исплатени. Над 250 компании во Република Македонија ќе бидат помогнати. Мерките ќе бидат распределени преку главно три столба на исплата, а тоа ќе бидат директно значи за финансиска поддршка на инвестициите. Понатаму, како активни мерки за вработување и преку Фондот за иновативност и технолошки развој за малите, микро и средни претпријатија.

Прашање: Колку е вкупната сума, може да ни кажете?

Одговор на вицепремиерот Анѓушев: Таа што беше предвидена во Буџетот, значи повеќе од 35 милиони евра.

Прашање: Може ли да ни кажете, Владата вчера донела мерки за челикот, дека ќе се продолжат преговорите бидејќи компаниите и натаму тврдат дека ќе имаат проблеми? Какви одлуки се донесени? Дали Владата може да им помогне на компаниите кои имаат такви проблеми како што најавуваат?

Одговор на премиерот Заев: И потпретседателот Анѓушев и потпретседателот Бујар Османи испратија две сериозни пораки, дека фокусот на Владата останува комплетно насочен кон поддршка на овие компании. Овие компании се Македонија, нашиот Бруто домашен производ, нашите работни места на нашите граѓани и слично. И втората порака е, дека не е навистина потребна некоја паничност. Се работи за просек од трите години, зголемен за пет проценти. Проблемот е, што сега е квота. И еден од друг се плашат, генерално, некој да не го зафати делот и на другите компании. Ние тука можеме да менаџираме, за да има правичност со сите. И секако им стоиме целосно на располагање на компаниите, да им бидеме сервис. Имаме дополнителна квота или таа глобалната, која што од било која земја ако не се искористи, можеме дополнително да ја искористиме. Проблемот е, што преку квотите, оние амбициозни планови, кои што се направени од страна на компаниите, а се многу поголеми од просекот од трите претходни години, не може до крај да се исполнат. Тука е самиот проблем. Но, верувам ако овие планови имаат тенденции, сакам да ги охрабрам компаниите да продолжат со своите планови, секој пат ќе се изнајдат решенија. Македонија блеска во очите на Европската Унија и секој пат разбирање мора да имаме. Во врска со оваа работа работеше потпретседателот Анѓушев, потпретседателот Бујар Османи, министерот за економија, лично разговарав со претседателот на Европската комисија, Јункер, сите заедно работевме на оваа тема. И нашата Амбасада е целосно посветена. Имаат дел од компаниите свои адвокатски тимови, помина и делот на инспекциските контроли од страна на ЕУ кон компаниите дома. И, верувам дека на крајот, сето тоа не смее да остане демотивирачки за самите компании. Така да, оние стотици милиони, двесте милиони евра апсолутно не е тоа вистина. Но, секако остануваме со целосно будно око и фокус кон поддршка на компаниите. И со намера да бидат охрабрени и да продолжат во имплементација на своите планови за 2019 година.

Прашање: Премиере, дали доколку нема цензус за избор на Претседател на државата, се размислува веќе да се подготват уставни измени со кои тој би можел да се бира во Собранието? И да ни кажете, како во Вашата партија во СДСМ ќе се бираат кандидатите за Претседател и како со коалициските партнери тоа ќе го усогласите?

Одговор на премиерот Заев: Ех колку тешки прашања. Крај на година е. Сакам оптимистички да размислувам. Не доколку нема цензус, дајте да успееме да има цензус. Тоа е редот, по Устав, по закон, да избереме Претседател. Мандатот на претседателот Иванов завршува на 12 мај, колку што знам. Како што тоа е определено, Македонија ќе има нов Претседател и согласно тоа да бидеме позитивно фокусирани на успешни, демократски избори кои што навистина ќе го изберат првиот човек на државата. Новиот Претседател на Македонија. Секако, можности постојат секакви, ако тоа не се случи. Но, не би сакал ниту да размислувам, ниту да дебатирам за такви можности. Заради тоа што, прво почеток на годината е. Второ, ниту разговарам во политичките кругови, ниту било каде, сè додека не заврши Парламентот со политичкиот процес поврзан околу важната цел, а тоа се уставните промени заради интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО. Верувам дека по празниците, по таа седница која што е закажана на 9-ти, токму ќе ги отвориме темите. Ќе дадеме одговори, на сите овие прашања. Но, мојот директен одговор е, дека верувам дека 40 проценти цензус ќе се постигне во еден компетитивен натпревар помеѓу повеќе кандидати, не само власт и опозиција, или левица и десница, или здружени и слично. Да имаат лепеза, граѓаните за избор, да може да изберат најдобро решение, заради тоа што се работи за Претседател на нашата земја.

Прашање: Околу пратеничките бенефиции?

Одговор на премиерот Заев: Апсолутно ги поддржувам реакциите кои што излегоа од пратеничката група на СДСМ. Нема потреба од такви закони. Пратениците се застапници на граѓаните и тие се граѓани кои што добиле чест, во еден мандат да ги застапуваат своите граѓани. Апсолутно ги подржувам нивните реакции, за целосно одбивање на вакви коментари, предлог-идеи или решенија околу ваквиот закон. Знам дека таков закон нема да се донесе.

Прашање: Околу уставните измени за името, рековте имате 76 пратеници...

Одговор на премиерот Заев: Толку потврдиле, со кои што разговараме. Тоа, не значи дека сите други одбиваат. Јас верувам дека ќе бидат навистина 85, 90, дај боже и повеќе. Тоа е, целта и затоа имаме вака инклузивен процес. Ви реков и кој се отприлика причините. Допрва следува доставување на амандмани од страна на пратениците на уставните амандмани. Веројатно, луѓето сакаат да се вградат, да дадат свој прилог внатре, свој коментар и согласно тоа кога ќе завршат сите тие постапки да ги кажат своите ставови, по основ на ова прашање. Јас, сум им благодарен на сите, кои што го истакнуваат својот позитивен став до сега. Заради тоа што, тоа го прави и за мене како Претседател на Владата или предводник на ваквиот процес за Парламентот, но најповеќе за граѓаните, поизвесен овој процес што доаѓа, но останувам оптимист дека најмалку двотретинско мнозинство или 80 пратеници ќе има на седницата на 9 јануари.

Прашање: Вие не се кандидирате за Претседател на државата, дефинитивно соопштивте вчера?

Одговор на премиерот Заев: Јас, дефинитивно не се кандидирам за Претседател. Зоран Заев не е кандидат за претседател и убаво е да се разгледуваат другите кандидати, да се коментира од страна на медиумите, од јавноста. Само така, ќе се изнедри на површина најдобрата личност, која што би била нашиот нов претседател.

Прашање: Во Собранието денеска, се разрешуваат двајца министри, може ли околу причините поради кои побаравте нивно разрешување? И, планирате ли поголема реконструкција на Владата?

Одговор премиерот Заев: Не планирам поголема реконструкција на Владата, барем не засега. Причините кои што се за разрешување на двајцата колеги се од страна на политичките партиципиенти во власта, или нашите политички партнери, се донесени одлуки од страна на раководствата на тие партии и бараа соодветна замена. Јас можам да го изразам задоволството од работата и соработката со двајцата министри. Да им се заблагодарам на нивниот ангажман, да ги поканам да останат во ангажман на јавниот сервис, преку извршната власт, служејќи им на граѓаните. Верувам дека ќе се најдат можности за понатамошен нивен ангажман. Веќе јас лично размислувам. Следуваат разговори со двајцата досегашни министри, верувам дека Парламентот ќе ја подржи ваквата промена, заради тоа што сме на крајот и политичка Влада, каде што своите партиципиенти, политичките партии имаат и свое учество, покрај другите кои учествуваат, од коморите, независни луѓе имаме во Владата и слично, да дадат свои нови претставници кои што достојно ќе им служат на граѓаните како министри во Владата на Република Македонија.

Прашање: Уште една одлука била донесена на Владата, за некое ново задолжување од околу 9 милијарди денари, ако не се лажам?

Одговор премиерот Заев: Тоа се одлуките, кои на крајот на годината се даваат како рамка на Министерство за финансии. Завршува годината, секоја година тоа се прави. Се донесува одлука, се дава една рамка и Министерството за финансии ги носи потоа своите одлуки. Најголем дел е тоа за рефинансирањето. Знаете дека обично се земаат краткорочни кредити, се враќаат исто така краткорочни обврски на државата. Тоа е таа рамка, која што вчера беше утврдена.