Шекеринска од касарната „Илинден“: Зборот за нас е збор - како што ветивме, годинава ја подмладивме Армијата за 375 нови професионални војници

Нови 130 војници од денеска се дел од професионалниот состав на Армијата на Република Македонија. На свеченоста во касарната „Илинден“ на третата класа нови професионални војници за 2018 година им се обрати министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, а присуствуваше и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал - мајор Васко Ѓурчиновски и заменикот - министер Беким Максути.

 

„Добредојдовте во Армијата на Република Македонија. Вие сте уште еден доказ дека за нас зборот е навистина збор, дека она што сме го најавиле, знаеме да го исполниме. Најавив дека 2018 година АРМ ќе се подмлади и ќе се засили со 375 нови професионални војници. Вие ќе бидете новата енергија, новиот мотив, новиот капацитет на Армијата на Република Македонија. Ќе бидете уште еден доказ и уште една причина за сигурноста, безбедноста и спокојството на граѓаните на нашата татковина“, рече министерката.

Шекеринска истакна дека Македонија ги сруши бариерите, ја доби поканата за членство во НАТО, ги започна и заврши пристапните разговори. „Поканата за НАТО е нашиот најголем успех годинава за одбраната и државата, a за мене драг успех е решавањето на еден од долгогодишните проблеми, проблемот со елементарната и логистичка поддршка, проблемот наречен чизми и униформи“, рече министерката. Таа информираше дека испораката на 7.000 пара чизми до секој припадник на Армијата е започната, а потпишан е договорот за 14.000 нови униформи, односно по два комплета за секој војник.

Осврнувајќи се на 2018 година, Шекеринска рече дека платите оваа година конечно беа зголемени за 10 проценти, и дека 5 - процентно зголемување се планира и за идната година. Буџетот, рече, беше зголемен 15 проценти за 2018, ќе порасне 33 проценти во 2019 година.

„За сите наши планови, за сета модернизација, опрема, подобрување на условите за вашата работа, потребни се пари. Затоа, и за оваа и за идната година покажавме дека не отстапуваме од зголемување на одбранбениот буџет. За одбраната и армијата повеќе пари ќе има и во иднина. Ве уверувам дека наш вистински приоритет е да ја постигнеме НАТО - целта, 2 проценти од бруто-домашниот производ да се издвојуваат за потребите на одбраната, а тоа значи пред сè за потребите на АРМ. Тоа го правиме не затоа што НАТО истото го бара од земјите-членки, туку затоа што вие, затоа што армијата, затоа што одбраната на државата тоа го заслужува. Овие средства се начин како вие да бидете поуспешни во вашата работа, како Македонија да спие мирно, а вие спокојно да ја вршите вашата обврска“, рече Шекеринска.

Министерката истакна дека во однос на етничката структура, Армијата ја претставува Македонија, онаква каква што е - етнички разнолика и побогата земја. 

„Меѓу вас и вашите колеги кои беа примени оваа година има Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци и Власи. Оваа разноликост е нашата уникатна предност и на Македонија, но и на АРМ, затоа што секој од вас носи различно искуство, традиции, но ги споделува истите вредности, истиот мотив и истата желба, да се биде дел од развиениот свет... Разноликост имаме и во однос на полот - од вкупно 375 професионални војници, 48 се припаднички на женскиот пол“, потенцираше министерката.

Со приемот на оваа, 3-та класа професионални војници, во целост се реализираше планот за прием на 375 професионални војници во Армијата во 2018, со што директно се влијае на намалувањето на просечната возраст на припадниците на АРМ и тоа за цели три години, но и на нејзината поголема функционалност и нејзините капацитети за да го гарантираат она што е најважно за граѓаните на Македонија - сигурноста, безбедноста, стабилноста.