Имате предвидено средства за градење на патишта и автопати. Колку средства се предвидени за градење на автопатот Скопје-Блаце? Знаеме дека се вети пред многу години, но не видовме нешто конкретно, колку средства се предвидени за овој автопат. И кога се очекува да почне изградбата?
Премиерот Заев: Објавувањето на тендерот го очекуваме до крајот на јануари месец, за првата фаза од 1.9 километри, каде што проектната документација е решена. Одлучивме да одиме во двофазно градење, за да заштедиме на време, а да имаме економска активност веднаш. За останатиот дел од некои 10.4 километри, сакаме некаде до мај-јуни да биде подготвена комплетната документација, за да може да биде објавен и самиот тендер. Вкупната проекција е таа којашто ја имаме за самиот старт на основа на проектирани спецификации на ставките, од некои 120 милиони евра, ако не се лажам, но конечната пресметка ќе биде согласно завршените тендери. Продолжуваме со концептот на финансирање преку Европската Банка за обнова и развој и во координација со нив одлучивме да одиме вака на фазно градење. Конечна цел е побрзо стартување со изградбата, заради тоа што знаеме дека во Косово се при крај, привршуваат активностите од Приштина до Блаце. Така да, ова е еден од првите капитални проекти и е еден од најголемите приоритети во делот на патната инфраструктура во Република Македонија.
Кои ќе бидат најважните капитални инвестиции годинава и колкава ќе биде нивната реализација?
Премиерот Заев: Сега, конечниот дел на реализацијата е 67% од ребалансот од 2018 година, со тоа што декември месец се плаќаат фактурите и сметките. Но, секако не сме задоволни. Кога ќе правиме паралела, почетокот на 2018 година и почетокот на 2019 година, навистина е поразлична ситуацијата. Прво знаете дека капиталните инвестиции имаат најсериозен импакт во патиштата, железницата и гасификацијата, но од помош се и водоводите, канализациите, градинките, школите и сето она што претставува други видови на капитални инвестиции, по сите ресори и економски единици во државата. Најсериозен фокус имаме во патиштата, во железницата и во гасификацијата на државата. Со тоа што разликата е сега немаме проблеми во проектните документации и немаме претходни прашања за решавање. Потпишан е дури и грантот за втората фаза, конечно е направен договорот за стартувањето на блокираната прва фаза на Коридорот 8 на железницата. Се работи. Не сме задоволни од интензитетот, но очекуваме со почетокот на годината, интензитетот да расте во првата фаза. Ако евалуацијата заврши во првите 2-3 месеци во годината на втората фаза и се избере изведувачот, тоа може да значи дека во вториот квартал влегува во изведба втората фаза на железницата од 147 милиони евра, каде што е и оној грант од 68 милиони евра од Европската унија за Западен Балкан, за Република Македонија. Гасификацијата знаете дека и во делот на подрачјето на Скопје, но и на подрачјето на Тетово и Гостивар е ослободена, имотно-правни односи се решени, и драго ми е што и од Гостивар према Кичево 58 % од експропријацијата е веќе решена. Се надевам дека тоа ќе му даде дополнителен пас на самиот проект, на централниот гасовод во Република Македонија да биде решен. Оваа година очекувам да почне пуштањето на првите цевки во градот Скопје и во општините. Еден дел одиме преку ЕБРД, каде што целта е општините да градат гасоводни мрежи во самите урбани средини, преку МЕР, којшто ќе повлече кредитна линија од ЕБРД, или опција општините да го дадат под концесија доколку така одлучат. Тие се надлежни за гасификацијата на територијата на нивните општини, но ги имаат двете опции. Гасификацијата треба да има дополнителен ефект ако тргнеме некаде второто полугодие и во градење на секундарната мрежа , односно она што значи гасоводна мрежа во самите градови. Ретки се градовите коишто имаат минимум гасоводна мрежа во државата и тоа е сериозна капитална инвестиција.
Со патиштата продолжуваме со ист интензитет. Во Македонија се гради на 25-26 делници. Во моментот, иако е зимски период, продолжуваме со ист интензитет, пари имаме обезбедено. Најголем дел се кредитите од Светска Банка, Европска банка за обнова и развој, и другите финансиски институции, но еден значителен дел се од сопствениот буџет на ЈПДП, и конечниот дел секако се одблокирање на сите оние проекти кои се многу значајни за граѓаните, но и сериозен прилог на капиталните инвестиции во државата. Објавивме дека имаме повеќе од 100 милиони готови проекти за водоводи и канализации, каде што тим во Владата го ревидираше целиот тој дел. Останува електронски да се доправат, заради тоа што голем дел од тие проекти се во хартиена форма, а одобрението се дава електронски. Ќе го замолиме градежниот факултет на Република Македонија тоа да го заврши, за да можеме од пролет веднаш да започнеме со реализација. Како што реков, дел се 55-те милиони евра нови пари коишто ги обезбедуваме како кредит преку Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина и просторно планирање. 12 милиони евра имаме останато нереализирани пари од претходната година, и 35 милиони евра се од ТАВ, којшто со анексот и неговото вршење ќе бидат ставени во функција. Тука имаме и нови градинки. Знаете дека имаме дополнителни 16 милиони евра од Светската банка за изградба на градинките, но и за нивна рехабилитација, реконструкција и обнова, заради тоа што потребата за простор повеќе за децата за згрижување е огромен во Република Македонија. Дел има нови школи, дел има спортски сали, дел има спортски терени и објекти, така да севкупните капитални инвестиции ќе се движат во тој правец. Но, како што рече министерот за финансии, гледате дека имаме севкупен раст некаде испроектиран, ако го завршиме четвртиот квартал со 4% раст, колку што очекуваме, ќе имаме севкупен раст од 2.8. Ако тој биде помал, 3,5 проценти, некаде растот ќе стигне до 2.7. За 2019та година веќе проектиравме 3.2, но јас најавив дека амбициите се уште поголеми. Тоа ќе го покаже и првиот квартал којшто буквално од денеска го стартуваме. Ако постигнеме 4 посто раст во првиот квартал, значи дека доаѓа сериозна економска активност и заживување на економијата во Република Македонија.
Но мора да појасниме и какви други надежи имаме. Приватниот сектор е двигател на растот. Видовме дека и при слабата реализација на капиталните инвестиции, 2,8 проценти раст на бруто домашниот производ е најповеќе заради економијата којашто доаѓа од приватниот сектор. Тоа го покажува растот на ДДВ, растот на данокот на добивка од 29,9 повеќе, растот на персоналниот данок на доход. Економијата заживува. Очекуваме големите проекти да се реализираат. Еден дел од нив државата ќе ги стимулира и ќе ги мотивира. Оваа година очекуваме да најдеме стратешки партнер по пат на јавно приватно партнерство. Донесовме одлука на економски совет за Чебрен и Галиште, 800 милиони евра за големата хидроцентрала. Ако можеме да најдеме партнер на којшто му треба балансер овде во регионот, се надевам дека ќе успееме да имаме успешно спроведена постапка, за да барем втората половина на 2019та година да почнеме со некои активности. Тука е Клиничкиот центар за којшто очекуваме оваа година да завршат сите административни процедури и почетокот на второто полугодие, ако биде се во ред по проекциите, да се стават камен темелници и да почне изведбата на клиничкиот центар. Но знаете дека сериозен импакт во бруто домашниот производ имаат и големите капитални проекти коишто се ширум Македонија. 16 нови фабрики се градат. Тие нови фабрики имаат директен импакт во градежништвото, покрај патиштата и другите капитални проекти. Самиот Лимак проект партиципира со 5 милиони евра месечно во БДП на државата. Ист Гејт е исто така голем проект, некаде проектиран од 130 или 150 милиони евра, а слушам во најава се и дополнителни капацитети, и да не зборувам за сите други капитални проекти што се ширум Македонија испланирано. Имаме сериозна надеж во големите капитални проекти. Да не ги заборавиме овде и браните. Се градат во делот на Министерство за земјоделство и рурален развој каде што сериозни се капиталните инвестиции во изградбата на браните или акумулациите за вода. И секако новина е тоа што оваа година на почетокот или крајот на јануари и почетокот на февруари ќе ги распишеме јавните аукции на обновливите извори на енергија, согласно законот за енергетика. Правилниците се веќе донесени, дебатата јавна помина. Се работи за фотоволтаици, и овие денови следува потпишувањето на новиот кредит од ЕБРД со ЕЛЕМ за 10 мегавати фотоволтаик, тоа како држава, а останатите ќе ги дадеме на јавни аукции. Предвидени се некаде, ако не се лажам, 200 мегавати обновливи извори на енергија во делот само на фотоволтаиците. Да не зборуваме дополнително се и ветерниците и другите обновливи извори на енергија , така да ваквите инвестиции во енергетиката треба да дадат сериозен импакт и допринос во севкупниот раст на БДП. И повеќе други области се опфатени секако, коишто очекуваме да дадат сериозен импакт за овие наши оптимистички очекувања за 2019та година.
За ветената 500 евра плата... Дали имате проекција кога тоа ќе се постигне во приватниот сектор и кога ќе се постигне во јавниот сектор? За вработените во јавните институции и јавната администрација тоа зависи од вашите одлуки.
Премиерот Заев: Еве јас ќе кажам глобално а министерот за финансии ќе дополни во детали. Колку што ги знам бројките ја завршивме годината со просечна плата од 24.800 денари и нешто плус. Тоа е околу 400 евра имаме постигнато просечна плата. Сакам да ја искористам можноста да најавам дополнително носење на одлука за минимална плата – ќе расте, заради тоа што со покачувањето на минималната плата и отворањето на спиралата, гледаме каков ефект добивме. Тој ефект даваше свои резултати некаде до септември, но гледавме дека и после септември продолжи да расте трендот на покачувањето на платите. Тоа мора да го искористиме и ќе го направиме , а притоа испраќам сериозно охрабрување до приватниот сектор , пред се до текстилот, кожарската индустрија, дека државата тоа ќе го прави исто така со голем фокус на нивната одржливост, на трудоинтензивните дејности во Македонија. Секако одреден дел на мерките коишто очекуваме да го дадат својот резултат е , тренингот на младите луѓе, младинската гаранција којашто ги даде првите резултати, но и активните мерки за вработување. Ако успееме да преквалификуваме и подготвиме поголем број на работна сила во Македонија за потребите на пазарот на трудот, јас верувам дека ќе го интензивираме, со уште поголема динамика, покачувањето на платите во Македонија. Не е недостижно до крајот на мандатот, како што е ветувањето, да постигнеме просечна плата од 500 евра. Имаме размислување во владата и од неколку други аспекти. Штом ќе бидеме за тоа подготвени, ќе ги споделиме со јавноста, се со конечна цел да постигнеме просек од 30 илјади денари во Република Македонија.
Министерот Тевдовски: Имаме и остварени резултати. Тоа го кажав и во воведното излагање, дека во 2018та година, ако се гледа растот на просечната нето плата, изнесува 5.7 проценти и тоа е тројно повисок од тоа колку растеле платите во годините претходно. Секогаш растеле некаде околу 1.9 проценти , а сега имаме тројно повисок раст. Секако дека почнавме од многу ниско ниво на плати. За нас се важни бидејќи мнозинството од граѓани живее од својот труд, живее од плати и нема доход на капитал или од друго. Ќе продолжиме ваков притисок да правиме, притисок но и поддршка за претпријатијата да бараат подобри работни места, да инвестираат, и за практично животниот стандард на граѓаните да оди напред.
Кога ќе биде новата одлука за минимална плата ?
Министерот Тевдовски: Кога ќе имаме одлука ќе ја соопштиме. Во поглед на вложување и во раст на плати во столбовите на општеството, ние веќе го правиме. Во септември , од септемвриската плата, платите на докторите, на наставниците, на луѓето во градинките , пораснаа за 5 проценти. Во 2019 година од септемвриската плата ќе добијат нови 5 проценти , вклучувајќи и луѓето во администрацијата. За докторите специјалисти, покрај зголемувањето од 5 проценти во септември 2018та, ќе добијат 10 проценти нови, почнувајќи од јануарската плата и дополнителни 5 проценти во септември 2019та година. И се е ова буџетирано, и мислиме дека Македонија, во овој поглед, оди во исправна насока.
Како планирате да ги соберете парите од прогресивниот данок во услови кога голем број компании најавија заминување од Македонија, особено од ИТ секторот за кои сведоци сме на тоа дека голем број медицински работници, особено лекари, секојдневно заминуваат за Германија а тие се таргетот за оданочување?
Министерот Тевдовски: Во одговорот на претходното прашање тоа го кажав. Ние со нашите политики се обидуваме докторите да ги задржиме тука. До сега во Македонија не се случило докторите да имаат во период од една година (септември 2018 – јануари 2019) и септември 2019 повторно, да имаат зголемување од 5 проценти, 10 проценти и 5 проценти. Значи вкупното зголемување е многу повеќе од 20 проценти таму. Тоа е се за тие да бидат задоволни и да имаат добри плати и да останат тука да работат.
Ние во дебатата која што беше и во медиумите пренесувана адекватно, исто така ова постојано го зборуваме ако ги гледате вработените, работниците во фирмите нивните плати се многу пониски од поставениот лимит кој што е во прогресијата од 1.500 евра, дури при таа одлична дебата во Комисијата за финансирање и буџет, луѓето од ИТ секторот, тие самите рекоа дека дури платите во ИТ секторот се нешто пониски од 1.000 евра, значи просечната плата во ИТ индустријата е околу 1.000 евра, просечната плата е многу пониска таму од прогресијата. Ова значи дека ние преземаме чекор кој што е во насока на земјите кои што имале рамен данок и потоа се обидувале да преземат мерки да фатат чекор со поразвиени земји и да се борат да имаат поефикасни институции. Работата кај даноците е да ја подобрувате и ефикасноста на институциите и да го подобрувате оданочувањето, заради тоа почнувајќи од Чешка, Словачка, кои што први преминаа од рамен во прогресивен данок, Албанија премина во 2014 година и се слушаа практично истите овие стравувања и таму се зборуваа, но се видоа дека ефектите во Албанија на економијата беа позитивни. Со политиките кои што ги преземаме, зборуваме за праведно оданочување како и со другите 9 сериозни реформи кои што од една страна или ја подобруваат ефикасноста на трошењето или решаваат некои болки како што е пензискиот систем со цел да се обезбеди стабилност не само на сегашните исплати на пензии, туку и на сите вас кои што во моментот работат. Значи работиме на подобрување на системот и ако видите земјите кои што имаат подобар животен стандард се тие што имаат прогресивни даночни системи.
Премиерот Заев: Ова станува актуелна тема, поради тоа што гледам и за празниците беше тема „новата година со зголемени даноци“, а не е така. Да не испадне сите ние што земаме под 90.000 денари приход ги жалиме тие што имаат над 90.000 денари. ИТ секторот воопшто не е опфатен. 59.000 денари е просечната плата. За 50% ако пораснат платите во ИТ секторот ќе дојдат до границата од 90.000 денари. Просечната плата на врвните специјалисти, вклучително тие на Клиничкиот центар ја постигаме со септемвриското покачување од 5% просек 90.000 денари. Значи за врвните специјалисти, да не зборувам за специјалистите во внатрешноста, во општите болници, во приватниот сектор и за другиот останат медицински персонал. Значи 1% од вкупниот број на граѓани ќе овозможи 7-8 милиони евра плус само од данок од плати, останатиот дел е од данокот на имот и од другите мерки кои што ги остваруваат како приход од изнајмување на дуќан или слично. Така да ова е само симболична порака на солидарност и тоа зборуваме за вкупно 9.000 граѓани во Македонија, по сите основи на праведниот данок, така да пораката на солидарност е следната: по сите овие основи, по приход од плата, приход остварен од рентање на имот и другите основи, се остваруваат по проектирање некои 25 милиони евра. 35 милиони евра ставивме на социјалната помош и зголемувања. Зошто? За да ги искористиме ре-дистрибутивните механизми на државата и да го помогнеме тој дел од нашето население на коешто најмногу му е потребна помош. И помошта е од 3.090 денари просек за петчлено семејство за социјална помош, на 11.700. Добиваме нов просек на социјална помош за преку 70% од примателите на социјалната помош. Со 3.000 денари не се гледа семејство. Со 11.700 сè уште не можеме да кажеме дека граѓаните ќе можат да гледаат семејство, но со активните мерки на вработувања, со можноста која што ја даваме за вработување на сите тие приматели на социјалната помош, веруваме како секоја нормална земја, ќе дадеме резултат кој што ќе значи и солидарност и фер и праведност. Така да, сите тие кои што ќе платат 8% за својот приход над 90.000 денари и тоа како треба да ја прифатат солидарноста во нашето општество, заради тоа што тоа покажува исто така дека сме нормална земја каде што тие кои имаат повеќе ќе платат повеќе.
Премиере, вие претходно рековте дека лекарите во Клинички имаат плата од 120 илјади денари?
Премиерот Заев: Реков дека во Клиничкиот центар има и просечен приход од 120.000 денари и тоа го остваруваат наши специјалисти лекари со екстра залагање, екстра дежурства и слично, го кажав како пример, но со овие мерки ние постигаме просечна нето плата на лекарите специјалисти во Република Македонија од 90.000 денари или 89.800, така некаде излегува просекот. Сè зависи од тоа колкав дел и на дежурствата го искористуваат самите лекари. Во внатрешноста имаме проблем со недостаток на лекарите, специјалистите повеќе време дежураат и на основа на тоа имаат и повеќе приходи. Овде поради вкупните плаќања за дежурствата и вкупните приходи во Клиничкиот центар се поголеми па го постигаме просекот на ниво на РМ од 90.000 денари.
Може ли околу квотите што ги воведе Европска Унија за извоз на челикот? Што ќе биде со тие преговори?
Премиерот Заев: Мислам дека ЕУ остана со фокус на Македонија и првата помош што ја добивме, ја добивме со дополнителни 5% од овие квоти. За металните производи вкупно кои што ги добивме од страна на ЕУ како анти-монополски мерки, во тој дел уште еднаш, Македонија доби просек од 15та, 16та и 17та година или последните 3 години, зголемен за 5%. Значи од тоа што досега сме го изработувале, продуцирале, од металните производи што оди за ЕУ, го добивме просекот и зголемен за 5% и дополнително добивме гаранција дека ако било која земја тоа не го искористи можеме да ја искористиме и таа квота. Но, сепак рековме продолжуваме понатаму. Да лобираме, да разговараме и ќе продолжат сите наши активности заради тоа што конечните одлуки се носат во февруари. Сега се само најавени тие одлуки, за да секако и тие амбициозни планови за нашите компании бидат овозможени во нивното остварување. За нас како Влада тоа е исклучително значајно од неколку аспекти. Тоа значи отворање на нови работни места, зголемен извоз и бруто домашен производ, и тоа како сме заинтересирани да направиме сè и правиме сè. Јас верувам дека успеавме поради разговорот со Јункер, поради посетите на Анѓушев, на Бујар Османи, на нашата амбасадорка во Брисел, на сите тие комисии кои што таму држат состаноци, инспекциските служби кои што беа почетокот на декември направени овде во Македонија, на сите овие 4-5 компании кои што се извозниците. Овие активности дополнително ќе дадат плус потврда дека ние не ги поминуваме тие плафони за да имаме анти-дампинг мерки кои што се воведени така да верувам дека не треба да има страв во овој дел од стопанството.
Премиере дали имавте средба со Билал Касами, околу барањата за уставни измени кои ги стави како услов да ги поддржи уставните измени кога ќе се гласа. Тоа ми е првото прашање, и второто прашање ми е до каде е новиот закон за игри на срежа кој предвидува обложувалниците и казината да бидат 500 метри оддалечени од образовни институции и дали би се размислувало нешто по примерот на Албанија, да бидат целосно укинати?
Премиерот Заев: Веројатно, каков што е амбиентот во Македонија и како што тераат практично процесите за уставните промени, преку доставување амандмани на уставните амандмани, конечната бројка ќе ја знаеме на чинот на гласање. Седницата е закажана за 9-ти, дебатата трае не подолго од 10 дена. Како што е најавено неприсуство на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, веројатно таа ќе трае 2-3 дена, толку колку што пратениците ќе оценат, затоа и ние ќе бидеме таму. Чинот на гласање ќе биде како резултат на самата дебата, како и резултатите на самите амандмани, како резултат на задоволството на сите оние пратеници кои што доставија амандмани, и како резултат на севкупната верба дека овој процес треба да го обезбедиме. Јас само ќе кажам дека до последен момент ќе сториме се за да обезбедиме двотретинско мнозинство. Тоа ќе го соопштиме на јавноста по моментот на гласањето. Или ќе споделиме задоволство од тоа што е постигнато, или ќе ја понесеме одговорноста. Но уште еднаш напомнувам дека јас сум оптимист, поради, пред сè, одговорноста, која ја чувствуваат пред сè пратениците, но и извршната власт на Република Македонија, дека овој процес, имаме шанси успешно да го завршиме. Голем дел од овие денови, и за божиќни празници, јас продолжувам со состаноци со сите, така што и утре јас закажав состанок со господинот Билал Касами, претседателот на Беса, на кој што ќе разговараме за сето она за кое што тој мисли дека треба да разговараме. Мене ми е драго што овие две политички партии кои што се од албанската опозиција, како што е БЕСА со Билал Касами, и Алијанса на Албанците, предводена од господинот Зијадин Села, се недвојбено поддржувачи на интеграциските процеси на Република Македонија во НАТО и ЕУ. Тоа значи дека од нив очекувам сериозност каква што ја имам и јас, секако и одговорност, поради тоа што тоа е и нивни програмски определби, тоа е и определба на државата, а тоа е определба и на повеќе од осумдесет отсто на граѓаните на Република Македонија.
Ве молам за Законот за игри на среќа?
Премиерот Заев: Дебатата е отворена во Владата. Она кое што го гледаме како искуство од Албанија е дека и со ваквите радикални мерки, тие што се коцкаат, не престанале да се коцкаат, а 5-6 илјади граѓани работат во обложувалници, казина и слично. Но, дебатата е сериозно отворена од граѓаните, поради тоа што таа дебата предизвикува внимание прво за нашите деца и близината на училиштата. Но, што со оние квартови во Скопје, во Тетово, во Струмица, Куманово, во Битола, било каде, каде што во колективни згради живеат најмногу млади брачни парови, и има многу деца? И тие се оддалечени од училиштата, но овде пред зградата е отворено казино. Дали тоа го решава проблемот?!? Така што, ќе ги видиме сите ефекти и мерки и ќе носиме одлука. Секако ќе ги донесеме. Вака не можеме да останеме, и кога ќе ги донесеме после сите овие дебати и стручни анализи кои ќе ги имаме, веднаш ќе ги соопштиме на јавноста, ќе го дадеме нацртот, ќе го објавиме, ќе ја отвориме јавната дебата за да конечно слушнеме и фид-бек од граѓаните за конечните ставови за Законот за игри на среќа.
Господине Заев, дали конечно Владата ќе излезе со било каква информација за бегството на Груевски? Министерот Оливер Спасовски најави дека нема одговорност на граничната полиција, тогаш чија е одговорноста? Затоа што јавноста чека одговор. И второто прашање, дали мислите дека ќе успеете да го вратите владеењето на правото и довербата во правниот систем, со оглед на амнестиите кои ги дадовте не само за 27-ми април, туку и за амнестиите за криминалот со кој што беа опфатени со последните измени во кривичниот законик?
Премиерот Заев: Ставот е јасен и така треба да биде во секоја нормална земја. Додека не заврши истрагата, предводена од Јавното обвинителство, чесно е, извршната власт тоа да го почитува и да не се истрчува со детали кои што можат да бидат дела на предистражна или истражна постапка, која што ја водат истражните органи. Штом ќе даде пас јавното обвинителство, и тоа го обелодени на било кој начин, ние ќе ги соопштиме и сите детали од аспект на извршна власт, пред сè доминантно на министерството за внатрешни работи. И уште еднаш потенцирам, ако постои одговорност, и тоа е потврдено со конкретни докази и аргументи, одговорноста ќе се понесе. Почнувајќи од мене, министер, директори, било кои сектори во министерството за внатрешни работи, или било која друга државна институција која што е под извршната власт. Тука дилеми да нема. Во демократија и во општество во кое што владее правото, треба да ги почитуваме сите овие аспекти. Гледате дека кога зборуваме со одредени аргументи, зборуваме тоа не влијае на истрагата, или да не прејудицира некакви аргументи на завршена истрага. Така да, во тој дел верувам дека денови се во прашање, да заврши јавното обвинителство, јас можам само да останам во надеж и очекување, но уште еднаш тврдам, политиката, и те како немала замешано прсти, ниту сакала, ниту можела, ниту требала, таква работа да помогне, да овозможи. Напоменувам тајни договори кои што значат одбегнување на правда, немало и нема да има. Во делот на Законот за амнестијата, уште еднаш потврдувам, дека кога зборуваме за стратешките цели, и нивното постигнување, а тоа е НАТО и ЕУ, на Македонија и треба помирување. Пораката на помирување, преку законот за амнестија, за она што се случи на 27 април, е самиот почеток. Помирувањето ни треба по сите вертикали во Македонија. Кога се помиривме со светот, со нашите соседи, зарем не треба да се помириме и дома. Премногу ни се големи поделбите. Затоа, мора да ја вратиме човечката доверба еден во друг, да си простиме, да подадеме рака и да тргнеме со помирувањето. Следните чекори се помеѓу навивачки групи, на локално ниво помеѓу општините, помеѓу младинските ограноци на политичките партии, итн. итн. Јас сум убеден дека тоа ќе даде позитивен резултат за иднината на Република Македонија, и во тој дел останува пораката на казнивост и понесување на одговорност. Направивме јасна дистинкција што е тоа учество во насилство, и физичко насилство, од организатори и осмислувачите на настаните. И при тоа, ја отстранивме можноста за омраза или реваншизам. Така што верувам дека донесовме квалитетно решение, ЕУ тоа го поздрави, и верувам дека на тој начин, секој во својот сегмент на одговорност ќе носи одлука. Политиката преку владата и парламентот, судството преку судовите и јавното обвинителство итн. Во делот на различните власти кои што постојат во Република Македонија. Во другиот дел на законските решенија кои што се донесени, немаме некое решение кое што значи застарување на казни или слично. И од тој аспект, дефинитивно треба, и ќе следува подобрување на законската легислатива во Република Македонија. Затоа што мерките на Михајло Маневски од тоа време, создаваат сериозен проблем во Република Македонија. Ниту едно од законските решенија кои што до сега се донесени, ниту пак што ќе бидат донесени, нема да влијаат на процесите на СЈО. Затоа што процесите продолжуваат. Дури и оној обид кој што се случи во парламентот, за замената на некаква корист, во имотна корист, и те како не влијаат на ниеден процес во СЈО или во Државното ЈО. Затоа што во самиот 353 стои и нанесена штета. И ако ги читате и обвиненијата и пресудите, кои што се донесени во Македонија, и те како не влијаат. Правиме комплетно внимателно поставување на процесите, за да нема мешање во правосудниот систем на Република Македонија, а сепак политиката да ги носи своите одлуки. И реков ДА, ова го правиме токму сега, чесно го зборувам тоа, за да успее Македонија. Да успее да се помири, но и да успее во НАТО, да биде следна членка која што ќе обезбеди, траен мир, сигурност, стабилност, што е предуслов за сите други наши надежи, пред сè економски, но и севкупниот квалитет на живот во државата. Уште еднаш само да споменам, анализирајте малку што е тоа што е на повидок помеѓу нашите два соседи на северот, меѓу Приштина и Белград. Ова го кажувам само како уште една причина, дека треба да си ја осигуриме и да ја обезбедиме Македонија. Чесно ги водиме политиките, транспарентно, достапно пред јавноста, и така ќе продолжиме. Критиките знаеме да ги слушнеме и знаеме да се коригираме за тие политики. И на крајот, таа е слободата и демократијата за која што се боревме. Не сме најсјајни, можеме да се подобруваме, но сите заедно како општество можеме заедно да го направиме.
Дали во буџетот има финансиски план и колку ќе чини новото име на државата? Дали ќе се ратификува договорот во грчкиот парламент? Како го коментирате отворањето на границата меѓу Косово и Албанија и дали и вие ќе спроведете барање за отворање на границата меѓу Македонија и Албанија?
Премиерот Заев: Во Буџетот немаме предвидено пари за Договорот од Преспа. Договорот тоа и не го предвидува. Знаете дека постепено со применување на самиот договор. На пример за личните документи, тие ќе се менуваат тогаш кога ќе им истече важноста. Дополнително е поврзано со отворањето на поглавјата, а не подоцна од 5 години. Промените ќе се случат низ еден природен процес. Грција не инсистираше тоа веднаш да се случи. На Грција и требаше решение на еден проблем како што ни требаше и на нас. Јас сум среќен што тоа се случи. Јас верувам дека ние во Парламентот ќе успееме. Најдоцна до средината на јануари ќе имаме успех. Зависи од секој пратеник поединечно. Посакувам поголема бројка од 80 пратеници и верувам дека е возможно. Знам, во суштината што размислуваат пратениците, вклучително и првиот опозиционер.
Исто така верувам и во зборот на мојот пријател, премиерот на Грција – Ципрас, дека ќе овозможи парламентарно мнозинство, толку колку што е потребно според нивниот закон и устав за да се ратификува Договорот од Преспа. Истовремено верувам дека кога ќе дојде верификацијата на Протоколот за НАТО ќе гласаат сите 300 пратеници во грчкиот парламент зашто и Неа Демократија е за нашето членство во ЕУ и НАТО.
Кај нас уставните измени ќе влезат во сила откако грчкиот парламент ќе го ратификува Договорот од Преспа и откако ќе го потпише Протоколот за пристап во НАТО. Според очекувањата на Генералниот Секретар Столтенберг тоа треба да се случи во февруари, јас се надевам дури и порано, и тоа значи столче за Македонија. Потоа ќе следува ратификацијата и во другите 28 земји членки, вклучувајќи го и Конгресот на САД. Тоа значи македонско знаме на јарболот, тоа значи дека ќе бидеме рамо до рамо со Америка, Германија, Франција и со другите. Тоа отвора сериозни перспективи.
Во делот на отворањето на границите, јас би ги отворил сите граници веднаш. По примерот на ЕУ. Довербата мора да ја пренесуваме од едни на други. Она што го правиме со one-stop-shop со поддршка на Светска Банка, сега на Табановце, понатаму со Албанија и со другите, ќе помогне во соработката и довербата меѓу институциите за царинските контроли и за другите контроли на прометот меѓу земјите од регионот. Тоа го прави ЕУ. Многу бргу ќе бидеме исто како и модерните западноевропски земји со граници отворени за сите граѓани.
Минатата година, на истиот овој прес им порачавте на бизнисмените да инвестираат зашто нема да има предвремени избори. Дали годинава истото можете да им го ветите?
Премиерот Заев: Убаво е кога бизнисмените имаат отворена можност за правење планови. Јас останувам на мојот став да нема предвремени парламентарни избори, но јас сум само еден од политичките чинители. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија таа дебата ќе ја отвори на крајот на јануари. Заедно со коалиционите партнери ќе носиме одлуки и по тоа прашање. Но, јас уште еднаш го кажувам мојот став: Кога толку вложивме во интеграциите, изградивме пријателство со сите соседи, решивме спорови, сега треба да бидеме себични и да не бидеме реални кон државата и да се водиме исклучиво од политички интереси за да тргнеме во избори. Ако успешно заврши сето ова што го правиме околу интеграциите и Договорот со Грција, и во нашата земја и во регионот ќе донесе економија. Тоа е ветер во грбот. Сите тоа го знаеме. Треба да и дадеме шанса на економијата. Да ги собереме економските плодови од сите овие крупни одлуки што ги донесовме како држава, како народ, како парламент, како влада. Јас верувам дека треба да му дадеме шанса на тоа. Мојата партија прави пресметки дека сега е најдобро време. Пред нас ќе добиеме 4 нови години. Тоа е примамливо, но ќе изгуби Македонија. Ќе отвориме „гап“ од 4 до 7 месеци којшто ќе влијае на економијата. Не се само изборите, не е само кампањата. Сè застанува. Следуваат мандатот, конституирање на парламентот, формирање на влада, политички преговори... На луѓето им е преку глава. Затоа им даваме шанса на потребите на државата. А ние политичарите и партиите, нашите калкулации да ги ставиме во втор план зашто искрено верувам во тоа. На крајот одлуките ќе ги донесат политичките партии, но јас ви ги кажувам аргументите зад кои стојам. Ако некој превагне со други аргументи, тогаш сè е можно. Но, јас верувам дека треба да одиме само на претседателски избори.
За да не дознаваме од грчките медиуми, што имаше во писмото на Столтенберг и каков е вашиот став?
Премиерот Заев: Потсетување дека на крајот на 2018 и на почетокот на 2019 година во Грција и Македонија се носат крупни политички одлуки. Драматично е нашето општество, драматично е и во грчкото општество. Писмото беше едно охрабрување кое што сака да ни даде на знаење колку е вреден овој договор. Во европски манири, со одважност на двете страни се донесе решение на спор којшто ја влечеше удолу Македонија, и истовремено беше уште еден нерешен спор и за Грција. Ваквото решение треба да биде дополнителна мотивација за парламентите во Македонија и во Грција да бидат позитивни во донесувањето на одлуките. НАТО е подготвено, Генералниот секретар тоа ни го соопшти, во средината на февруари тие се подготвени да ги подготват сите постапки и процедури. Но, не се согласувам со Столтенберг и верувам дека уште во јануари грчкиот парламент ќе го ратификува Договорот од Преспа, а Грција ќе биде првата земја што ќе го потпише Протоколот за пристапување на нашата земја кон членството во НАТО. Тоа е порака на охрабрување и за мене и за мојот колега Алексис Ципрас.