Системот на локалната самоуправа нормативно е поставен, но треба да биде и да остане функционален. Се интервенираше во санирањето на долговите на општините. Се работи на подобрување на финансирањето на услугите со блок дотации, во областа на образованието, детските градинки и на установите од областа на културата, со цел да се обезбедат оптимални средства од централниот буџет, да не се создаваат дополнителни долгови, но и да се направат заштеди со рационално трошење на парите на граѓаните, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу. Фазлиу акцентот го стави на рамномерниот регионален и на локалниот развој.
„2019-та ќе биде уште поуспешна од претходната, ако се има предвид дека буџетските средства за проекти за рамномерен регионален развој во однос на 2018 та година се зголемени за над 55%, а средствата за кофинансирање на проекти за прекугранична соработка за 10%”.
Минатата година со 4,5 милиони евра од буџетот на Министерството за локална самоуправа се финансирани вкупно 98 проекти за развој на планските региони, за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби. Станува збор за 98 инфраструктурни зафати или пак подготовка на техничка документација за изградба на локална патна, канализациона или водоводна мрежа, прочистителна станица или други интервенции кои што решаваат проблеми на граѓаните.
„Годинава само од Буџетската Програма за рамномерен регионален развој, во осумте плански региони во државата ќе бидат финансирани проекти во вкупен износ од 7 милиони евра. Тоа е за 100% повеќе средства во однос на 2017 та. Нашата цел, на Владата и на Министерството за локална самоуправа е со поголемо насочување на средства во помалку развиените плански региони и во селата, да ги намалиме разликите во квалитетот на живеење. Приоритет на оваа Влада е со поголема координација, средствата од различните ресори да се насочуваат таму каде што има најголема потреба, според степенот на развиеност. Сите граѓани треба да добијат еднаков пристап до услугите од јавниот сектор, без разлика на местото на живеење”.
Другиот значаен аспект за Министерството за локална самоуправа е реализацијата на проекти за прекугранична соработка, финансирани со средства од Европската Унија преку ИПА Инструментот. Овие проекти во износ од 15% се кофинансирани од буџетот на државата, преку Министерството за локална самоуправа.
„Со зголемувањето на средствата за кофинансирање од 10%, Владата ги зголеми можностите за поголема апсорбција на средствата од Европската Унија. Мора да покажеме поголем и финансиски и професионален капацитет за транспарентно и одговорно управување со средствата од Европската Унија, за да можеме да ги реализираме сите и да се избориме за уште поголеми средства во наредниот програмски период, после 2020 година”.
Во 2018-та, беа склучени договори за реализација на 40 проекти во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Грција, во вкупна вредност од 20 милиони евра и договори за 9 проекти од Програмата со Косово, во вкупна вредност од 3 милиони евра. Беа објавени два нови јавни повици за проекти, со Бугарија и со Албанија. Јавниот повик со Албанија е сѐ уште актуелен, до 1 ви февруари и на располагање ни става нови 3 милиони евра. Јавниот повик со Бугарија заврши и оваа година ќе бидат потпишани договорите за финансирање на одобрените проекти, за што од страна на Европската Унија се обезбедени 7 милиони евра.
Во 2019 та година ќе бидат објавени нови јавни повици за проекти со Србија и со Косово. За проекти за прекугранична соработка со Србија има на располагање 1,8 милиони евра, а за проекти со Косово 2,5 милиони евра. Во процес на идентификација е заедничкиот стратешки проект од Програмата за прекугранична соработка со Грција, кој што би се финансирал оваа година, во износ до 4 милиони евра. Не е исклучено тоа да биде и изградба на нов граничен премин со Грција, Маркова Нога, во преспанскиот регион. ”.
Министерот Фазлиу изрази задоволство од реализираното во 2018-та.
„Најважно од се е да се има искрен однос кон граѓаните и кон проблемите. Убеден сум дека со овој начин на работа сме на добар пат во 2019-та година да оствариме резултати кои што суштински ќе направат разлика во квалитетот на живеење во општините”.