Вкупно 718 понуди пристигнаа до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за учество на јавниот повик за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари. Рокот за поднесување на понуди заврши минатата недела, сега во тек е евалуација односно проверка на докумeнтацијата на понудите и во рок од 45 дена се очекува да се склучат договорите со оние земјоделци кои поднеле комплетна и уредна документација.
Со овој јавен повик за разлика од огласите за давање под закуп на државно земјоделско земјиште, МЗШВ им овозможи на сите заинтересирани доколку имаат информации каде има слободна земја, самоиницијативно да пројават интерес преку подготовка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик. Преку ваквиот тип на јавен повик МЗШВ ја спроведува политиката на ставање во функција на целото расположливо земјоделско земјиште, особено на оние парцели што не се атрактивни и што се со понизок квалитет од 4,5,6,7 и 8 класа, а кои што можат да се искористат за производство. Воедно, со овој јавен повик се создаваат поволни услови, сите земјоделци кои веќе се занимаваат со земјоделство, оние што сакаат да го прошират своето производство или да започнат агробизнис, да склучат договор со МЗШВ и да дојдат до земјиште.
Јавниот повик беше наменет за целокупното земјоделско земјиште во државата или за 34 региони. Земјиштето за кое што ќе склучи договор треба да се искористи за подигање на долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници, други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за брзо растечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам.
Овој процес се одвива паралелно и со континуирани јавни огласи за издавање на државно земјоделско земјиште и претставува една силна заложба на Владата и на МЗШВ, максимално да се зголеми обработената земјоделска површина во државата, а со тоа и вкупното земјоделско производство. Паралелно со јавниот повик течеше и огласот за давање под закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари, кој што меѓу другото е наменет за инвестиции во преработувачки капацитети, а за кој што рокот за поднесување на документација заврши денеска. Конечната бројка на пристигнати апликации за овој јавен оглас над 3 хектари ќе се знае следната недела бидејќи се очекува да пристигнат апликации и по пошта.