МЗ: Спасен пациент со мозочен удар, со новата комбинирана метода на тромболиза и тромбектомија

На пациент кој доживеал мозочен удар, поради запушување на магистрален крвен сад во мозокот, завчера тим  лекари невролози, анестезиолози и радиолози, му го спасиле животот со помош на новата комбинирана метода на тромболиза и тромбектомија, која кај нас веќе станува практика. Оваа метода се применува во сите сите современи клиники во Европа и Америка.

Станува збор за зафат со кој, во исто време со помош на тромболиза, која го омекнува тромбот заглавен во крвниот сад и тромбектомија или механичко  отстранување на тромбот, и тоа во најкус можен рок, на пациентот му е спасен животот, но и моторни функции на екстремитетите, кои често како последица од мозочен удар остануваат во состојба на одземеност.

Пациентот на кој му е извршен успешниот зафат го посети министерот за здравство, Венко Филипче.

- Пациентот се чувствува добро. Најважно е дека навреме се спасени сите витални функции кај него, непречено ги движи и нозете и рацете. Без примената на оваа нова метода пациент со ваков мозочен удар или починеше или ќе останеше со трајни инвалидни последици. Голем успех за тимот лекари кои беа вклучени во овој, за нас иновативен пристап, но кој покажува многу добри резултати при состојби на акутен мозочен удар. Им честитам на колегите, а на пациентот му посакувам побргу да закрепне и си оди дома кај семејството, изјави министерот Филипче. 

Зафатот го изведе тим од лекари и медицински сестри од Универзитетските клиники за Неврологија- д-р Анита Арсовска и д-р Бојан Бошковски, од клиниката за Радиологија - д-р Петар Јаневски, д-р Менка Лазарова и д-р Дејан Даскалов и од КАРИЛ анестезиологот д-р. Азби Агуши.

​​