Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам денеска го одржа третиот донаторски состанок наменет за тековно информирање на организациите од невладиниот сектор и странските мисии во Република Македонија.
Целта на Донаторскиот состанок беше споделување на информации и координација помеѓу донаторите - претставници на странските мисии и меѓународните организации во Република Македонија, од една, и организациите од невладиниот сектор кои работат на проекти поврзани со превенција од насилен екстремизам од друга страна.
Замениците национални координатори за спречување насилен екстремизам, Џеладин Ајвази и за борба против тероризам, Златко Апостолоски ја искажаа потребата невладините организации пред донаторите да ги претстават нивните реализирани, тековни и идни проекти од областа на превенција од насилен екстремизам. Презентираните проекти од страна на НВО секторот се во согласност со планираните активности од Акциските планови и владините Национални стратегии за спречување на насилен екстремизам и за борба против тероризам.
Претставниците на странските мисии имаа прилика да го претстават видот на проектите кои ги поддржале, постигнатите резултати и идните планови за поддршка наменета за овие области.
Националниот комитет ќе продолжи со реализација на планираните стратешки активности во Акциските планови, а кои претставуваат приоритет за 2019 година.