Министерството за труд и социјална политика објави јавни конкурси за поддршка на активности на здружениja за социјална заштита на деца на улица и психо-социјална поддршка на деца во социјален ризик. МТСП наскоро ќе објави уште два конкурса на кои ќе финансира активности поврзани со деца со пречки во развојот и со аутизам. Со овозможување повеќе и поквалитетни услуги надвор од институциите градиме поефикасен систем за заштита на децата и нивна интеграција во општеството.
Со конкурсите коишто се во тек МТСП поддржува активности за заштита на децата на улица и нивно вклучување во општеството, намалување на негативните влијание на улицата врз децата и нивниот развој, зајакнување на системот за заштита на децата на улица и промовирање на вонинституционалната форма на социјална заштита - Дневен центар за деца на улица.
Меѓу предвидените активности ќе се работи и на обезбедување храна, облека и хигиенски средства за потребите на децата, медицинска нега и едукација за здравствената заштита, мотивација и подготовка на децата и нивните родители за вклучување во редовниот образовен систем, како и теренски активности и работа со децата на самото место (раскрсници, семафори и други места).
Целта на доставените проекти за психо-социјална поддршка на деца во социјален ризик треба да биде зајакнување на животните вештини на децата со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение, со посебен акцент на деца кои употребуваат психоактивни супстанции. Во рамки на овој проект ќе се спроведат активности за идентификација и поддршка во надминување на социјалниот ризик на децата кои употребуваат психоактивни супстанци, а ќе се овозможи и помош за совладување на образовните содржини, односно довршување на образовниот процес или доквалификација заради полесно вклучување на пазарот на труд.
Конкурсите траат 5 дена од денот на објавувањето, а крајниот рок за доставување на апликациите е до 16 часот на последниот ден на конкурсот.
Двата јавни конкурси се достапни на: http://www.mtsp.gov.mk/oglasi-izvestuvanja.nspx