Помина половина година откако ја формиравте Владата. Дали вие лично сте задоволен од постигнувањата досега, со оглед на тоа што меѓу граѓаните постои одредено разочарување што е и разбирливо, ако се имаат предвид огромните очекувања од смената на власта, по еднодецениското владеење на Никола Груевски?
- Разбирливи се големите очекувања од оваа Влада. Впрочем, и ние самите како Влада, како коалиција и како политички концепт си поставивме големи цели пред нас. Нема отстапки, свесни сме што нѐ чека во 2018 година и целосно сме посветени на реализација на реформите и на подобрување на животот на граѓаните. Очекувањата на граѓаните истовремено произлегуваат од фактот дека 11 години Македонија назадуваше во сите области. Државата беше осиромашена, голем процент од граѓаните беа доведени на работ на егзистенција. Истовремено, наместо на проекти што го олеснуваат животот на луѓето, парите се трошеа на бесмислени проекти. Македонија за една деценија „успеа“ да ги заостри односите со сите соседи. Граѓаните живееја во стеги, неизвесност и страв за себе, но и за своите блиски. И затоа очекуваат брзи и пред сѐ видливи решенија.
Наспроти досегашните 11 години, резултатите од првите седум месеци на новата влада се веќе видливи. Успешноста во работењето ја мерам пред сѐ согласно економските ефекти. А, такви има многу. Ќе наведам неколку - мерките за штедење што Владата ги презеде со ребалансот веќе покажуваат зголемен прилив на средства во буџетот. Во насока на отчетноста и транспарентноста, се декласифицираа сите досега класифицирани документи што се однесуваа на привилегирани трошења на народни пари, а во насока на заложбите за враќање на парите кон граѓаните и стопанството, се исполнија и конкретни мерки од владината програма, како укинување на радиодифузната такса, зголемување на минималната плата, воведување евтина тарифа на електрична енергија за домаќинствата, решавање на проблемот со стечајците, ослободување на социјално ранливи граѓани од блокирање сметки од страна на извршителите. Исто така, сакам да истакнам дека на крајот на 2017 година успеавме да реализираме 83, 6 проценти од проектираните капитални инвестиции, што е најголема реализација после 2013 година. Дополнително, даночните приходи се за 4,6 отсто повисоки од 2016 година, а УЈП во 2017 година реализираше поврат на ДДВ кон фирмите, кој е за 2,2 милијарди денари повисок од 2016 година.
Дојдовте на власт со крупни ветувања, пред сѐ во делот на социјалата и економијата - за зголемување на стандардот, за субвенционирање на малите и средни бизниси, за враќање на средната класа. Во изминатиот период донесовте и одредени мерки во таа насока, но во реалниот живот засега не се чувствува некое позначително подобрување? Кога граѓаните и реално ќе ги почувствуваат ефектите од новите политики што ги најавувавте за време на изборите?
- Да поправите нешто што се урнисувало повеќе од една деценија не е едноставно. Но тоа не го гледам како пречка, туку како уште поголем предизвик, мотив повеќе да ги удвојуваме напорите за мирен и квалитетен живот на граѓаните. Јас сум оптимист кој ги базира своите очекувања на конкретни планови и сакам да ги уверам граѓаните дека ќе ја оправдам нивната доверба. Сметам дека дел од ефектите граѓаните веќе ги чувствуваат – живеат слободно, разговараат меѓу себе без да се плашат дали некој ќе ги слушне и казни заради политичкиот став. Граѓаните имаат можност директно да ѝ се обраќаат на Владата со сугестии, а институциите постапуваат по предлозите. Скратени се трошоците на функционерите и со тие пари се закрепнува финансискиот систем. Една од мерките која веќе го подобрува стандардот е зголемувањето на минималната плата, со која се опфатени околу 70 илјади наши сограѓани, а која ја активираше спиралата на покачување на платите во приватниот сектор. Исто така, ги изедначивме условите за инвестирање за домашните и странските компании. Политиките на актуелната влада веќе привлекуваат и многу странски инвестиции, така што 22 компании веќе се подготвени да инвестираат во Македонија. Ова ќе значи отворање на илјадници работни места, зголемување на БДП. Следствено на тоа, во државниот буџет ќе се слеваат повеќе пари за социјалните аспекти на државата. Убеден сум дека Македонија може да има поубава иднина, а нејзините граѓани да живеат подостоинствено. Со овие економски политики финансиски полека ја стабилизираме државата. За да се спасиме од плаќање високи камати, до средината на следната година ќе бидат платени заостанатите фактури што ги добивме како наследство од претходната власт. Истовремено, за планот за економски раст со буџетот за 2018 година определивме 3,1 милијарди денари, односно околу 50 милиони евра. Тоа претставува 46 проценти повеќе за таа намена во однос на 2017 година. Дополнително, уште една милијарда денари се определени за активните мерки за вработување. Со мерките за поддршка и развој на бизнисот и поттикнување на конкурентноста утврдени во планот за економски раст планираме да ја раздвижиме економската инвестициска активност. Создаваме здрава економска основа за развој на фирмите за да бидат конкуренти и на домашниот и на странски пазари. Како резултат на тоа, уверени сме дека проекциите за предвидениот раст на бруто-домашниот производ од 3,2 проценти за 2018 година се реални и остварливи.
Најавувате амбициозен процес на реформи во земјава. Како планирате да го спроведете тоа во ситуација кога Владата почнува да ги покажува првите знаци на нестабилност, главно слично како што е тенко и колебливо и парламентарното мнозинство, така што се принудени да собирате кворум дури и со пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ?
- Коалицијата е стабилна затоа што меѓу коалициските партнери има јасен договор кој се базира на реформите и на посветеноста на потребите на граѓаните. Сѐ додека ова се приоритетите на Владата, таа ќе биде стабилна и во тој случај верувам дека постојат услови овие вредности и цели да бидат прифатени и поддржани и од пратеници кои досега не беа дел до владејачкото мнозинство. Различни мислења секогаш ќе има, вклучително и помали политички и кадровски промени, но мисијата е една и јасна, и сите капацитети се вложени во неа – обезбедуваме подобар, мирен и квалитетен живот за сите граѓани на државата, заедно градиме едно општество, еднакво за сите, а Македонија е слободна и во неа слободно се живее. Ако останеме фокусирани на овие вредности, Владата ќе остане стабилна.
Очекувате ли ревитализација на политичкиот дијалог по смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ и за кои прашања би преговарале со опозицијата?
- На секоја власт ѝ е неопходна здрава, демократска и критички настроена опозиција. Таа треба будно да ја следи нашата работа и секојдневно да укажува каде треба да се подобруваме. Тоа ќе биде од помош за Владата, за да работиме уште повеќе и уште попосветено. Во оваа насока, очекувам конструктивна соработка и со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која сега е предводена од господинот Христијан Мицкоски. На нашата прва средба имавме конструктивен дијалог, иако за некои од темите имавме различни мислења и ставови. Но во едно се согласивме – неопходно е учество на опозицијата во реформските процеси. Со господинот Мицкоски, исто така, констатиравме дека местото на Македонија е во ЕУ и во НАТО и за тоа е потребен ангажман од сите политички субјекти како на власта, така и на опозицијата. Јас уште еднаш ги повикувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, активно да учествуваат во работата на Собранието и сите заедно да одлучуваме за доброто на Македонија. И подготвен сум да разговарам со опозицијата буквално за сите прашања и одлуки, со единствена цел – заедно да создаваме добри перспективи за Македонија.
Го сменивте ставот кон претседателот Иванов, поради неопходноста за кохабитација со него? Каков е сега неговиот однос кон вас и кон Владата, со оглед на тоа што претходно не го признававте неговиот легитимитет ниту изборите на кои беше реизбран и одбивавте тој да биде покровител на дијалогот за надминување на кризата?
- За да постигнеме единство во земјата, заради концептот „едно општество“, неопходно е сите политички фактори во земјата да соработуваат меѓу себе. Токму затоа, во една демократска земја, каква што се стреми да биде Македонија, мора да постои дијалог помеѓу претседателот на Владата и претседателот на државата. Сѐ разбира, кохабитацијата може да биде на уште повисоко ниво, а за тоа е потребно политичките лидери да се издигнат над партиските бои и да исчекорат одважно од политичката доктрина на делби, кон јасни политики за обединување. Во таа смисла, ќе потсетам дека Владата реагираше на новогодишното обраќање на Иванов во кое тој кон граѓаните упати пораки кои повикуваат на натамошни делби и кои се спротивставуваат на концептите за градење на единствено и заедничко општество.
На што го темелите оптимизмот за брзо зачленување во НАТО и за добивање датум за преговори со ЕУ кон средината на следната година? Што се смени подрастично во изминатите шест месеци во делот на исполнувањето на критериумите, така што она што беше незамисливо до пред една година сега станува очекувано?
- Само осум месеци по инцидентот во Собранието, Македонија во регионот, но и пошироко, се перципира како нормална демократска земја со кохезија и сила. А тоа го постигнавме пред сѐ со возобновување на „избледените“ пријателства со соседните земји. Потпишавме Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. По успешната меѓувладина седница со Бугарија, одржавме и заедничка седница со владата на Албанија. Неодамна бев во посета на Косово, а интензивно го чуваме пријателството со Србија. Конечно, градиме доверба со Грција, што ни дава право да кажеме дека Македонија е пријател со сите свои соседи. Јас и моите колеги од регионот сме свесни дека само заедно, како регион на Западен Балкан, низ добрососедска економска и политичка соработка можеме да обезбедиме напредок и да придонесеме кон безбедноста и развојот за сите држави од регионот. Една од заедничките констатации на лидерите од регионот и на еврокомесарката Могерини, на неодамнешната средба во Брисел, е дека 2017 е година на успех за Западен Балкан. На таа средба ја потврдив посветеноста на Македонија кон остварување на реформите во правосудството, безбедноста и јавната администрација, реформи кои се дел од планот 3-6-9 кој беше подготвен и консултиран со граѓаните преку широка дискусија со експерти и граѓански организации. Меѓународната заедница го препозна тоа, ги препозна инклузивните политики и политиките на отворени врати што ги практикува Владата. И затоа очекувам Македонија да добие свое место во Стратегијата за проширување на ЕУ која ќе биде објавена во февруари 2018 година.
Дали е можен позначителен пробив на Македонија на патот кон Брисел без симнување од дневен ред на прашањето за името? Може ли да се очекува поголем напредок во решавањето на овој проблем за време на вашиот мандат и на кој начин би се постигнало тоа?
- Прашањето за името што е отворено со соседна Грција е важен чекор на патот што Македонија треба да го изоди до целосна интеграција - и внатре и надвор. Посредникот Метју Нимиц се сретна со преговарачите од двете страни и утврди дека тие се спремни суштествено да навлезат во решавање на проблемот. Јас сметам дека до крајот на првата половина на 2018 година ова прашање може да биде затворено. Мојот оптимизам го темелам на подготвеноста на двете страни без предрасуди да разговараме за сите прашања и за сите решенија кои ќе значат унапредување на односите и кои се во интерес на граѓаните на двете земји. И верувам дека ќе го постигнеме тоа со целосно зачувување на нашиот дигнитет. Граѓаните ќе нѐ наградат повеќе за храброста и за вербата во перспективите и иднината, отколку за евентуалната уназаденост ако останеме заглавени во минатото. Да потенцирам дека сѐ што ќе правиме во овој процес, ќе го правиме транспарентно и отворено и на крајот се надевам тоа ќе го потврдат и граѓаните.
Ризикувате ли незадоволство во СДСМ, со оглед на впечатокот дека на раководни позиции главно ангажирате луѓе од невладиниот сектор и „Шарената револуција“, а се обидувате да придобиете и дел приврзаници на претходната владејачка гарнитура - и тоа за позиции за кои имате компетентни кадри и во своите партиски редови?
Како Влада на Република Македонија, јас и останатите членови водиме политика која мора да ја оствари конечната цел, а тоа е живот за сите. Што значи не само за членовите на СДСМ, туку за сите граѓани на оваа земја. Императив и главен критериум при поставување одредена позиција мора, потенцирам мора, да биде стручноста на поединецот, без разлика дали поседува или не поседува партиска книшка. Околу 70 проценти од луѓето не се членови на ниту една партија. Дали тоа значи дека не треба да бидат вработени? Не. Ваквата практика мора да престане, без разлика дали некој ќе биде задоволен или не. Исто така, важно е да се знае дека од сите ангажирани лица, особено од оние што добиле доверба и задача да водат и да креираат демократски амбиент и професионални институционални сервиси, се очекуваат конкретни и видливи резултати. Реформата ќе ја обезбедиме единствено ако ги вложиме сите капацитети - и на партиските кадри, и на непартиските, и на експертите, и на невладините. Време е да престанеме да се пребројуваме и да се бележиме, и наместо тоа да се вложиме за заедничката повисока цел – успехот на Македонија, успехот на сите граѓани.
Меѓу актуелните судии има квалитетни кадри
Која е приоритетната цел на реформите во правосудството? Можна ли е реална реформа со истите кадри и останувате ли на намерата за генерален реизбор на судиите?
- Неопходен ни е независен и ефикасен судски систем и не прифаќам ништо помалку од тоа. Ако немаме независно судство, сите други проекти, реформи, планови паѓаат во вода. Во таа насока, да потенцирам дека на 45. седница Владата усвои пакет предлог-закони согласно препораките на Прибе. Тука се вбројуваат предлог-законите за судовите, за извршување на санкциите, за Јавното обвинителство, за јавнообвинителска служба, за кривичната постапка, потоа предлог-законите за внатрешни работи, за полиција, како и за следење на комуникациите. Во оваа пригода ќе повторам дека никој во судскиот систем во земјава не треба да ги слуша партиите ниту функционерите од извршната власт. И од говорницата во Собранието јавно порачав дека ќе разрешам министер или заменик, ако добијам потврда дека вмешале прсти при носење каква било судска одлука или при поставување или разрешување судии. Судските одлуки мора да се носат во согласност со законите, Уставот и по сопствено убедување на судиите – тука е суштинската реформа во судството. Должни сме да обезбедиме владеење на правото и еднаков пристап до правда за сите, како и одговорност пред правдата за сите што се огрешиле пред законите. И како и за сите други сектори во земјата, сигурен сум дека сериозен дел од постојните кадри се квалитетни, чесни, професионални и соодветно обучени.
Оставивме на функции и луѓе од претходната власт
Колку сте искрени во намерата да ја реформирате и рационализирате државната администрација според стандарди и критериуми, а не според партиски клуч? И дали е тоа изводливо со оглед на тоа што се обидувате ги задржите сите вработени за време на претходната власт, дури и оние што биле вработувани надвор од критериумите и за време на избори?
- Не сакаме да ја продолжиме практиката на претходниците, што значи дека се спротивставуваме на праксата со доаѓањето нова политичка гарнитура да се отпуштаат партиски кадри од спротивната опција или да се вработуваат кадри исклучиво од „нашата“ опција. Мораме да се ослободиме од партиските стеги и конечно, кога е во прашање проценката, мерењето на квалитетот - воопшто да не биде важно дали некој граѓанин е член или симпатизер на некоја партија, уште помалку на која. Ова е важно и заради реформите што ЕУ ги бара од Македонија, но пред сѐ заради внатрешно смирување на политичкиот амбиент во кој досега постоеше длабок рез меѓу партиските припадници на едната и на другата опција и оние што се декларираа за политички неутрални. Градиме амбиент на ново време во кое секој може слободно да ја декларира својата политичка припадност или неприпадност и тоа никако да не влијае врз неговиот живот ниту врз квалитетот на услугите што институциите мораат да ги испорачаат кон граѓаните. И сами рековте дека на дел од раководните позиции и натаму се луѓе што и претходно биле таму. И тоа е така во повеќе од 30 отсто од институциите. Зошто да не се искористат постојните капацитети, ако се квалитетни? Главната задача на новоформираниот Совет за јавна администрација ќе биде да создаде ефикасна, продуктивна и професионална јавна администрација. Мора да поттикнеме мотивираност и посветеност, а тоа ќе се постигне преку почитување на професионалноста и стручноста, преку напредување во кариерата и награди, преку продуктивност и ефикасност на јавната администрација, со цел квалитетни услуги кон граѓаните на Македонија. Советот будно ќе ја следи реализацијата на стратегијата за реформи во јавната администрација, која е дел од планот 3-6-9.