„Денешниот чин со кој се означува крајот на едукацијата на високо-образуван кадар од областа на безбедноста всушност претставува заокружување на еден процес, после кој што отпочнува конкретната, практична примена на сето она што во изминатиот период се акумулирало како стручна наобразба. Таквиот настан истовремено ги демонстрира заедничкото задоволство и гордост. За почитуваните професори - затоа што успеале во текот на тој процес да ги пренесат своите знаења и искуства; за дипломците и магистрантите - затоа што успешно завршиле дел од академскиот пат; за општеството и институциите - затоа што добиваат нов и стручен кадар којшто ќе треба професионално да се соочи со реалните предизвици“, рече министерот Спасовски во денешното обраќање на промоцијата на новите дипломци на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“.
Спасовски нагласи дека ниту едно општество не може да се надева на успешност без следење и практично имплементирање на нови научно-истражувачки сознанија, без онаа реална кооперативност меѓу теоријата и практиката, што впрочем се потврдува низ секојдневието на современите и развиени општества. Особено што безбедноста претставува прилично динамична сфера на работа.
„Вие ќе го најдете своето место во општеството, вклучително и во институцијата со која што раководам - Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, притоа давајќи го својот максимум како во име на сопствените амбиции и надежи, така и во име на потребата за брз и динамичен развој на нашата држава. Ви честитам за покажаниот успех, ви посакувам и вам и на вашите ценети професори, натамошен успех на професионален план, убеден дека и во иднина оваа етаблирана високообразовна институција ќе продуцира кадри со кои што сите ќе се гордееме“, рече Спасовски.