Министерката Канческа-Милевска се сретна со принцот Мајкл од Кент
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа во хотелот „Радика“ во Маврово имаше работна средба со принцот Мајкл од Кент.
На средбата, на која присуствуваа и амбасадорот на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, Кристофер Ивон, членови на британската бизнис делегација, претставници на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на Република Македонија, Канческа-Милевска истакна дека оваа посета е од огромно значење за бизнис секторот, но и за поголемата поддршка за унапредување на културните врски меѓу двете земји, соопшти Министерството за култура.
Стана збор за можностите за унапредување на културниот туризам и промоција на Република Македонија како земја со богато културно и природно наследство, но и за поголемата промоција на македонската култура пред британската јавност. Канческа–Милевска го информираше принцот Мајкл и дека на културната олимпијада во Лондон, која ќе се случи како антиципација на Летните олимписки игри, македонската култура ќе биде претставена преку неколку интересни содржини.