Вкупно 49 милиони денари се распределени на денешната свеченост за доделување на договори на 12 невладини организации и асоцијации, за спроведување на проекти со кои ќе се поттикне локалната и регионалната конкурентност во туризмот. Овие средства се доделени преку Проектот за локална и регионална конкурентност кој се спроведува преку заедничка соработка на Владата на Република Македонија, Делегацијата на Европската Унија и канцеларијата на Светска банка.
Заменикот претседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој ја отвори свеченоста, истакна дека вкупната вредност на Проектот изнесува 18 милиони евра, средства кои во најголема мера се обезбедени од ИПА фондовите, како и од буџетот на Република Македонија и од Светска Банка, а на денешната свеченост се доделуваат договори за еден од трите сегменти, наменети за невладини организации и асоцијации кои работат во туристичкиот сектор. Другите два сегменти кои се опфатени со Проектот за локална и регионална конкурентност се грантови за микро и мали претпријатија, а најголемиот дел од средствата се наменети за реализација инфраструктурни проекти за поттикнување на туризмот во определени општини.
„Набрзо се очекува потпишување на договори и за двете други компоненти. Јавните повици се завршени, поднесени се апликации, завршена е евалуацијата, очекуваме за скоро време да се комплетираат сите потребни административно технички работи и да се пристапи и кон потпишување на договори и за останатите средства. Преку грантовите кои се доделуваат на асоцијациите и невладините организации, очекуваме да се подобри туристичкиот пристап и понуда. Станува збор за интересни и диверзифицирани проекти, како што се рекреативното падобранство, летање со балони, скијање, јавање на коњи, со кои се покажува инвентивноста и креативноста на асоцијациите. Туризмот има голем потенцијален на раст, во последните години се бележи континуиран пораст на туристи, а со овие проекти на креативен начин се обидуваме дополнително да ја стимулираме локалната и регионалната конкурентност на туризмот“, потенцира Анѓушев.
Директорот на канцеларијата на Светска Банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели, посочи дека туризмот во светски рамки е значителен економски сектор, кој учествува со 10% во глобалниот Бруто домашен производ, застапеност со 7% во вредноста на меѓународната трговија и вкупно 30% од извезените услуги ширум светот.
„Услугите се еден од начините да се зголеми потенцијалот за економски раст. Со овој проект се стимулираат асоцијациите, невладините организации, општините и малите и микро претпријатија да креираат проекти, но и да се развиваат капацитети да се планира идниот развој на туризмот. Планираниот туристички развој може да има многу позитивно влијание. Со овој проект ќе се придонесе кон изградба на нова инфраструктура, зачувување на животната средина, ревитализација на локалитетите, ќе се поттикне конкурентската предност на различни дестинации, бидејќи не секоја локација може да привлече ист вид на туристи или квалитет на услуга “, подвлече Мантованели.
Претставникот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Фрејк Јанмат нагласи дека преку овој проект се промовираат туристички дестинации коишто не се доволно познати за странските туристи.
„Македонија се открива и мислам дека туризмот ќе продолжи да се развива, дали преку организирани тури на странски туристи или пак преку индивидуални аранжмани преку кои ќе се откриваат одредени дестинации. Македонија има повеќе езера и планини, кои нудат можност за спортски активности, релаксација, но постојат и други помалку очигледни можности за развојот на туризмот, преку промоција на уметноста и старите занаети застапени во Македонија. Задоволен сум што ЕУ може да помогне со финансиски средства за поддршка на туризмот, кој во изминатите години бележи раст од 6-7, а со тоа го зголемува учеството во Бруто домашниот производ“, рече Јанмат.
Директорката на Проектот за локална и регионална конкурентност, Антонија Шишак кажа дека јавниот повик беше распишан во март минатата година, на кој имаа можност да аплицираат широк спектар на корисници, вклучувајќи ги општините, јавните установи, регионалните плански центри, образовните установи, центрите за обука, невладините организации и микро и малите претпријатија.
„Критериумите за селекција беа однапред утврдени и објавени во Прирачникот за грантови заедно со деталните процедури за начинот на аплицирање и спроведување на повикот. Оценувањето на поднесените предлог под-проекти беше извршено од страна на група на надворешни експерти од различни области, избрани на претходно објавен јавен повик“, истакна Шишак.