Премиерот Заев и министерот Сугарески од Охрид: Зголемен тренд на нови странски и домашни инвестиции низ цела Македонија, со поголеми плати за работниците

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска дебатираа со граѓаните и претставниците на бизнис секторот од Охрид во двочасовната трибина посветена на економските мерки, перспективи и политики „Силна економија - шанса за сите“.

Премиерот Заев во своето обраќање пред охриѓани зборуваше за концептот - парите кај граѓаните и додаде дека единствено граѓани со високо ниво на приходи во своите семејства ја раздвижуваат и економијата и државата.

 

 

„Нема зијан за државата ако најде безброј алатки како да вбризгува пари назад кон семејствата, кон граѓаните. Затоа што граѓаните ги трошат парите, ги плаќаат сметките, даноците, вересиите, кредитите. Има една неповратна бесконечна спрега на раст и развој. Од тие причини донесовме неколку мерки и во иднина ќе носиме уште мерки. Со воведувањето на евтината тарифа на струјата 11.4 милиони евра заштедуваат граѓаните на годишно ниво. Тие пари остануваат кај граѓаните. Со укинувањето на радиодифузната такса, по 190 денари беше сметката за еден телевизор, тоа е годишно најмалку по 2000 денари по семејство или вкупно од 15 до 20 милиони евра, пари кај граѓаните“, истакна премиерот Заев.

Зборувајќи за мерките коишто значат повеќе пари во секое семејство, премиерот Заев додаде дека во семејните буџети ќе се слеат повеќе пари и од намалувањето на извршителските и нотарските трошоци од 50 до 90%, отписот на камати на стари долгови за електрична енергија, топлинска енергија, намалувањето на казните за 70% за физички лица и за 60% за фирмите.

„Казните се намалени за 60% за малите и средни претпријатија и воведуваме опомена пред казна. Инспекторите не треба да бидат плашила, тие треба да си ги соберат даноците и да не нанесуваат штета врз компаниите и граѓаните бидејќи тие постојат заради нив. Тоа е фер и праведна даночна политика“, потенцираше премиерот Заев.

Премиерот Заев соопшти дека во рамки на социјалната реформа ќе се реализира мерка за државна социјална пензија којашто ќе им го реши егзистенцијалното прашање на најранливите категории на граѓани со над 65 години кои немаат остварено стаж. Со мерката, овие граѓани ќе добиваат државна социјална пензија во висина од 40% од просечна пензија и нагласи дека очекувањата се дека во март ќе се донесат законите и ќе стартува и исплатата на социјална помош која е за 300% повисока од претходно. Од 3.090 денари за просечно семејство на 11.070 денари со можност за активирање на примателите на социјална помош на пазарот на трудот.

„Очекуваме зголемен тренд на домашни и странски инвестиции. Во Охрид веќе се случуваат и во најава се неколку. Во цела Македонија се случуваат нови инвестиции. Имаме нови 17 странски инвестиции во вредност од 155 милиони евра само во таа фаза со вкупни 4500 нови работни места. Такви ќе има по цела Македонија, не само во Скопје. Сите овие инвестиции ќе направат притисок за зголемување на побарувачка на работници, а со тоа очекуваме и платите да растат. Тој што ќе плати повеќе тој ќе го добие работникот, без разлика дали станува збор за инженер или технички персонал. Тоа е фер шанса за сите“, истакна премиерот Заев.

Зборувајќи за развој на туризмот премиерот рече - Охрид е светско богатство, должност ни е да го заштитиме пред себе и пред светот.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески рече дека оваа година ќе се инвестираат над 1 милијарда и 200 милиони евра за изградба и реконструкција на преку 700 километри патна мрежа во земјата. Само во Охридско-Струшкиот регион ќе инвестираме преку 630 милиони евра.

„Ја интензивиравме изградбата на автопатот Кичево - Охрид. Со почетокот на градежната сезона ќе продолжиме да го реконструираме патот од Подмоље до Охрид, во должина од 8,5 км и вредност од 1,2 милиони евра. Ќе се реконструира транзитниот дел на Охрид до бензинската пумпа во должина од 5,6км и вредност 800 илјади евра. Планирана е рехабилитација на патниот правец Подмоље - Радожда во должина од 4,1км и вредност 400 илјади евра и реконструкција на патниот правец од хотел Гранит до Пештани во должина од 1 км и вредност 100 илјади евра. На самиот почеток на 2020 година ќе започнеме со рехабилитација на државниот пат Подмоље - Струга - Ќафасан во должина од 19км и инвестициска вредност од 3,5 милиони евра, а ќе ги рехабилитираме и патните правци, Биџево - Долно Татеши - Ново Село, Лабуништа - Бороец - Јабланица и Вевчани - Октиси - Шум“, министерот Сугарески ги презентираше плановите за изградба и рехабилитација на патната инфраструктура.

Министертот Сугарески информираше дека е предвидено да се постави и нова сообраќајна сигнализација од Охрид до Буково и во октомври да започне да изработува проект за реконструкција на патот од Охрид до Свети Наум.

Премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески одговараа на прашања на граѓаните и понудија решенија на посочените имотно правни проблеми.