Државата ќе го исплати долгот што винарниците „Повардарие“ и „Стефанс винарија“ го имаат кон лозарите во најбрз можен рок, ова денеска во Кавадарци им го соопшти на лозарите од тиквешкиот регион, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. При тоа министерот Николовски дека со ваквата одлука на Владата ќе бидат опфатени сите лозари кои во периодот 2014-2016 година го предале грозјето во винарници кои што во тој период биле регистрирани во регистарот на МЗШВ, а обврските не им биле подмирени, односно не добиле пари за предаденото грозје. Николовски посочи дека во понеделник ќе се направи измена на Законот за земјоделство и рурален развој , а во вторник на владина седница ќе се донесе одлука со која државата ќе го преземе долгот кон лозарите кои побаруваат пари за грозје предадено пред во посочениот период, за да бидат исплатени во најкус можен рок.
„Заокружуваме еден процес во кој што бевме сите, ние како ресорно министерство, ДИЗ, Платежна агенција, градоначалниците и пратениците од Тиквешкиот регион, лозарите . Државата согласно Законот за земјоделство и рурален развој и итните измени на законот кои пратениците од Тиквешкиот регион ќе ги предложат во понеделник ќе го овозможи правниот основ да државата ги преземе овие обврски и тоа ќе биде за сите оние лозари кои го предале грозјето во периодот 2014-2016 во регистрирани винарници кои биле регистрирани во тој период во МЗШВ но обврските не биле подмирени, а тоа се и винарниците „Повардарие“ и „Стефанс винарија“. Правна можност постои и со премиерот договоривме во четврток на посебна владина седница, да се измени Програмата и Уредбата за директните плаќања за 2019, со која ќе се создадат услови за исплата на парите. Веднаш по евиденцијата од страна на Инспекторатот и Платежната агенција, ќе се исплатат парите кон лозарите од над 1.5 милиони евра. Ова е вистински пример на грижа на државата за граѓаните и враќање на парите кај граѓаните“, изјави министерот Николовски.
Николовски изјави дека во изминатиот период биле констатирани долговите кон лозарите за грозје откупено во претходните неколку години. Порача дека е недозволиво тоа што го правеле во минатото некои регистрирани субјекти кои откупувале грозје и го ставале под залог, правеле вино и извезувале, а грозјето не го плаќале.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев посочи дека задоволството е огромно, особено за лозарите од тиквешкиот регион кои егзистираат од оваа земјоделска гранка.
„Веќе имаше гнев поради неплатени обврски кон лозарите повеќе од четири години. Добро е што ова сега се реши во така брз период, што за мене претставува гордост. Сите кои учествуваа во овој процес напорно работеа како за свои пари, за да може да се обесштетат лозарите. Добро е кога сите сме задоволни“, изјави градоначалникот Јанчев.
Пратеникот Панчо Минов изјави дека има решение и за каматите и судските трошоци на лозарите кои побаруваат пари за грозје продадено пред неколку години.
„По однос на каматите и судските трошоци, побарувањата на лозарите остануваат пред винарниците. Тој проблем нема да биде запоставен и нетретиран. Има решение и за тоа. Има решение и во делот на договорите во кои дваесет проценти мораа да го земаат во пестициди. Голема работа се постигна благодарение на соработката меѓу повеќе субјекти“, изјави Минов.
Присутните лозари ја поздравија одлуката. Воедно министерот Николовски им порача на лозарите дека до празникот Свети Трифун ќе ги добијат субвенциите за одржување на лозови насади за успешно да ја започнат новата производствена сезона.
Изминатиов период министерот Николовски одржа повеќе состаноци со лозарите, менаџментот на „Повардарие“, стечајниот управник на „Стефанс винарија“, градоначалниците и пратениците од тиквешкиот регион, се со цел да се најде начин како лозарите да си ги добијат парите за предадениот род. Паралелно се работи и на соодветни законски измени во новиот Закон за вино,со цел лозарите ќе бидат заштитени во делот на исплатата за предадениот род.
Инаку откупеното грозје од реколта 2017 година е целосно исплатено од страна на винарниците. А исплатата на грозјето од реколтата 2018-та е 70 отсто исплатено.