Министерот за здравство на Република Македонија, Венко Филипче, заедно со австрискиот аташе за труд, социјални работи, здравство и заштита на потрошувачите за Македонија, Харалд Фугер и Људмила Гасер од Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство и заштита на потрошувачите на Република Австрија, присуствуваа на денешниот настан, посветен на размена на искуства за стандардите за професионално образование за медицински сестри.
Тема на настанот беше имплементација на ЕУ директивата за признавање на професионалните квалификации, во насока на препознавање на професионалците во областа на здравството, како што се медицинските сестри. Станува збор за спроведување на процесот за континуирано унапредување на знаењата и вештините, зајакнување на образовната структура и програмите за медицински сестри и акушерки.
Министерот Филипче истакна дека од исклучителна важност е да се посвети внимание на статусот на здравствените работници, да се изнајде начин за негово унапредување.
- Важни ни се човечките капацитети во здравствениот сектор, нивната посветеност на работата и секако подобри резултати. Ова се работи што се постигнуваат со континуирана посветеност и секако дополнителни финансиски средства. Се обидуваме да ги подобриме состојбите, кои со години деградирале, се обидуваме со системски промени да направиме разлика. Резултатите допрва ги очекуваме. Почнавме со зголемување на личните примања на здравствени работници за пет проценти, а ова година за дополнителни пет проценти ги зголемуваме платите на медицинските сестри. Како дополнителен стимул беше и реализацијата на зголемувањето на надоместокот за дежурства, ноќен труд и дополнителна работа на сестрите, кои работат во клиниките и болниците, изјави министерот за здравство на Република Македонија.
Тој додаде дека овој е само дополнување на вреднувањето на трудот на здравствените работници и е една од мерките за да се задржи медицинскиот кадар во земјава.
- Решени сме да направиме вистински позитивни промени во здравствениот сектор. Со најновите измени на Законот за здравствена заштита решивме повеќегодишен проблем и овозможивме преземање во јавното здравство на медицински сестри, кои претходно работеле во приватни здравствени установи, основани под закуп во здравствените домови, а кои во меѓувреме останале без работа поради затворање на ПЗУ, потенцираше министерот Филипче.
Министерот за здравство информираше дека со Здружението на медицински сестри заеднички се реализира проектот за вонболничка постоперативна грижа на пациентите по извршена интервенција.
За министерот за здравство, Венко Филипче од ваквите средби произлегуваат искуства и знаење за унапредување на состојбите во здравството и тие се од исклучително значење за развивање на нашите капацитети во здравствениот сектор.