Државата не презема долгови на приватни компании, туку директно ги обештетува лозарите, а преку финансиските инструменти на Управата за јавни приходи, тие парите ќе бидат вратени во Буџетот, посочи денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
„Во следните 3 години согласно Законот за земјоделство и рурален развој сите исплати кои што ќе ги прават компаниите за кои што се презема долгот, истите ќе бидат стопирани преку УЈП и ќе бидат средства на Буџетот, односно преку Платежната агенција ќе се вратат во Буџетот. Исто тоа ќе следи и во делот на стечајните постапки кои се отворени во други случаи. Не е точно дека со државни пари се покриваат долгови на приватни фирми, ние директно ги помагаме и обештетуваме лозарите. Државата не им плаќа на винариите и не покрива ничии долгови, државата го има побарувањето. Одлуката на Влада ќе се донесе на седница овој четврток. За земја во која што земјоделството е основна гранка, лозарството која што е најстратешка гранка, со девизен прилив од над 100 милиони евра од кој што сите граѓаните во државата имаат бенефит, лично сметам дека државата треба согласно политиката да води грижа за сите граѓаните, и на овие граѓаните на лозарите треба да им се помогне за да можат да застанат на нозе и да можат да ја вршат дејноста од која што девизен прилив има целата држава и од кои пари се градат и училишта и градинки и се реализираат и други приоритети за граѓаните. Сметам дека станува збор за една многу човечка одлука, проблемите од кои што беа погодени овие лозари, страдаше целиот тој регион. Јас ќе бидат заштитник секогаш и на лозарите и на тутунарите и на сите земјоделци, знаејќи дека тоа е категорија на која што треба да и дадеме силна поддршка, ако сакаме овој сектор да се развива и да биде основа на економијата“, изјави министерот Николовски.
На вчерашната собраниска седница, се усвоија измените на Законот за земјоделство и рурален развој, со што се постави и правниот основ за државата да ги обештети лозарите. Со законските измени се создава можност Владата да донесе одлука за дополнителна помош за одреден земјоделски производ, откупен најмногу пред пет години од денот на донесувањето на одлуката, а неплатен од страна на регистриран откупувач. Дополнителната помош ќе се исплаќа преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој како мерка предвидена во годишната Програма за финансиска поддршка во земјоделството. Со овие измени лозарите кои во периодот 2014-2016 година го предале грозјето во винарници кои биле регистрирани во регистарот на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, а не добиле пари за предаденото грозје, ќе бидат обесштетени.
Николовски потенцираше дека се подготвуваат и нови измени на Законот за вино и но во другите соодветни закони, со кои ќе се воведат инструменти со кои што земјоделците, лозарите ќе бидат заштитени во делот на откупот и исплатата на земјоделските производи.
Инаку за откупеното грозје од реколтата 2017 сите регистрирани откупувачи на грозје во МЗШВ ја имаат комплетно завршено исплатата кон лозарите.