Учество на МНР Димитров на состанокот на Северно-атлантскиот совет по повод потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Република Македонија во НАТО

Во целост Ви го пренесуваме обраќањето на МНР Димитров при потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Република Македонија во НАТО:

„Ви благодарам многу. Драг генерален секретар, драг Јенс, амбасадори, колеги, пријатели, штотуку слетав утрово од Вашингтон, па ве молам имајте разбирање за мене, уморен сум и многу емотивен. Ова беше долго патување. Ја споменавте Европа цела и слободна и ова беше ветување што го дадовме со уште девет земји во 2000 година, кога ја потпишавме Изјавата од Вилнус. Македонија, наскоро Северна Македонија, што е прашање на денови, откако ќе стапат во сила уставните измени во согласност со Преспанскиот договор, е последната држава од десетката од Вилнус што сеуште не е дел од Евроатлантското семејство. Со ова исполнуваме едно ветување, обврска преземена од нашите татковци, на основачите, пратениците од првиот состав на Собранието од 1991-1994, на 23 декември 1993 година, дека нашата главна стратешка цел е да станеме дел од НАТО. Според тоа, ова е резултат на работата на многу генерации и ова беше должност на нашата генерација. Не беше целосно предвидливо, не беше дури ни веројатно дека ќе се случи. Ова се случи поради лидерството - што би сакал да го споменам овде, пред Северноатлантскиот совет - на премиерот Зоран Заев и премиерот Алексис Ципрас, кои го поплочија патот кон ова историско помирување, докажувајќи дека невозможното е всушност остварливо и возможно. Исто така, би сакал да го поздравам лидерството на премиерот на Бугарија Бојко Борисов, кој исто така нè охрабруваше да одиме во оваа насока, пред сè со потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија. Во филмот „Лоренс од Арабија“, има една реплика што мислам дека е многу соодветна во овој контекст - „Ништо не е напишано додека не го напишеме“. Можеме да ја промениме судбината, можеме да ги искористиме можностите и мислам дека токму ова го направивме. За нас НАТО е пречекорување на линијата на сигурноста, и за нас НАТО е семејство од нации што опфаќа сигурност, стабилност, вредностите што се запишани во Вашингтонскиот договор, владеење на правото, индивидуални слободи и демократија. Ова е семејство што се стреми да го направи светот помирен и подобро место за живеење. Со ова патување созреавме и мислам дека со последните настани и тоа што го постигнавме заедно со соседите, докажавме дека можеме да преземеме одговорност, можеме да се соочиме со проблемите и да ги решиме тие проблеми. За неколку дена, конечно ќе го решиме последниот отворен проблем што го имаме со наш сосед. Границите ни се утврдени и мислам дека можеме да играме улога што ќе биде многу смирувачка во регион што сеуште има одредени несигурности. Патувањето не е завршено, но веќе нема да чекориме сами на тој пат. Покрај себе ќе имаме 29 пријатели и сојузници. Ќе се фокусираме на тоа што се обврзавме да го направиме во планот за продолжување на реформите, како во однос на владеењето на правото и разузнавачкиот сектор, така и во однос на реформите во одбраната за да бидеме сигурни дека нашата војска е во согласност со доктрината на НАТО и стандардите на НАТО. Една држава е силна колку што е силна нејзината војска; една држава е силна колку што се здрави нејзините демократски институции, но и толку колку што има пријатели, а од денес, мојата нација е навистина силна. Среќен сум и многу сум возбуден. Чувствувам историска привилегија да ја претставувам Република Македонија денес и би сакал да им се заблагодарам на сите главни градови и на амбасадорите овде присутни, што навистина ни помогнаа да ја забрзаме постапката, во однос на тоа што им дадоа дозвола на амбасадорите да го потпишат Пристапниот Протокол. Подготвени сме, овде сме и спремни сме да ги преземеме одговорностите од нашето членство. Ќе ги посетам вашите главни градови, некои порано, некои подоцна, за да ја охрабрам постапката на ратификација на Пристапниот протокол, која сметам дека ќе биде ефикасна. Ви благодарам многу“.


Во целост Ви ја пренесуваме изјавата на МНР Димитров на прес-конференција по потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Република Македонија во НАТО:

„Ова е историски ден. Ова беше едно долго патување. Колку за илустрација, имавме 18 циклуси на Акцискиот план за членство. И тоа не се случи туку така. Сметам дека како и за луѓето, така и за државите, историјата не се случува сама по себе. Мора да направите да се случи. И она што го направив со Северноатлантскиот совет, ќе го направам и со вас, претставниците на медиумите и јавноста. Би сакал да оддадам признание и да го пофалам лидерството на премиерот Заев и премиерот Ципрас. Беше полесно да не го правиме ова, па, без сомневање, ова историско помирување не беше целосно предвидливо, не беше дури ни веројатно. Беше полесно да се седи во рововите на историјата, беше дури и полесно да се соберат политички поени преку одржување на спорот, но она што се осмелија да го направат беше да вложат политички капитал во корист на двата народи на двете нации и целиот регион, и на НАТО како семејство, како Алијанса. Се обврзав на нашата определба да продолжиме како што ветивме, односно да продолжиме со реформите, и во поглед на владеење на правото, но и во поглед на реформите во секторот за разузнавање и модернизација на одбраната. Државата е онолку силна колку и нејзината војска, но силна е и колку што и нејзините демократски институции се функционални и здрави, но исто толку е силна и колку што се бројни нејзините блиски пријатели. Патувањето не заврши. Се радуваме на ратификацијата на Протоколот за пристапување во парламентите на 29 земји сојузнички. Но, она што е важно за нас, е тоа што веќе никогаш нема да чекориме сами. И стоиме покрај овие 29 сојузнички, земји членки на НАТО, способни и подготвени да ги преземеме обврските што произлегуваат од полноправното членство во НАТО. За нас, НАТО се стреми да го направи светот побезбеден, постабилен, и ние ќе го завршиме нашиот удел кога станува збор за мисиите на НАТО, и исто така ќе направиме се што можеме за да сме сигурни дека нашиот регион, Југоисточна Европа или Балканот, е регион што е попредвидлив, постабилен и попросперитетен. Денес беше одличен ден. Ви благодарам многу“.