Министерот Хасан на 22 Евроазиски економски самит: Нашата земја нуди одлични услови за инвестирање, пример за тоа се технолошките индустриски развојни зони

Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан, вчера имаше свое обраќање на дводневниот 22. Евроазиски економски самит, кој се одржува и денес во Истанбул. Евроазискиот економски самит го организира Мармара фондацијата, група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток.

Говорниците на самитот посебно се осврнаа на соработката помеѓу државите, особено во областа на економијата и енергетика. Министерот во својот говор ги поздрави присутните и им посака успешна соработка во иднина. Воедно го истакна своето задоволство од потпишувањето на протоколот за влез на Република Македонија во НАТО и зборуваше за значењето на интеграциите во ЕУ и НАТО.

„Интеграциите во ЕУ и НАТО се од големо значење за нашата земја, тие со себе носат нови предизвици и можности за инвестирање во Република Македонија, ние како Влада ќе ја искористиме оваа прилика и ќе се залагаме за привлекување на нови инвеститори кои ќе помогнат во намалување на стапката на невработеност, која во последните години е значителен проблем особено за младите граѓани на нашата земја. Република Македонија нуди одлични услови за инвестирање, пример за тоа се технолошките индустриски развојни зони, ги повикувам сите компании кои сакаат да инвестираат во странство, да ја разгледаат оваа опција”, посочи министерот Хасан.