Средба на премиерот Заев со претставници на филмските проекти „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, „Медена земја“ и „Исцелител“: Вашите успеси се успеси и на нашата држава, ќе го поддржиме финансиски филмот и ќе го зголемиме растечкиот светски интерес

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, имаше средба со претставници на филмските проекти, филмовите „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, „Медена земја“ и „Исцелител“.

Премиерот Заев им честиташе на филмските работници за огромните успеси на светско ниво, за светската премиера на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на 10. февруари, во официјална конкуренција на престижниот Берлински филмски фестивал, за светската премиера на „Медена земја“ на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, каде што доби три награди, како и за успесите на филмот „Исцелител“, прикажан на 53 меѓународни фестивали и 8 домашни, на коишто освои 15 меѓународни и 4 домашни награди.

- Вашите успеси се успеси и на нашата држава, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Заев најави зголемување на буџетските средства за филмот, што е поздравено од страна на филмските работници.

- Успесите на државата, со влезот на Република Северна Македонија во НАТО и очекуваното отворање на преговорите со ЕУ отвора можности за развој на земјава, повеќе инвестиции, повеќе пари, достапност до фондови, но и до нови пазари и полиња. Очекувам дека и вашите успеси само ќе растат, ја имате поддршката од Владата, рече премиерот Заев.

На средбата, филмските работници ги споделија позитивните искуства на светско ниво, што, како што рекоа се успех на целата држава. Во кинематографијата на нашата држава, како што беше речено се препознаваат таленти кои зборуваат на филмски јазик што го привлекува вниманието на светската филмска јавност. Исто така, како што е заеднички констатирано, филмската уметност, како и целата култура, со негувањето на критичкиот пристап, актуелизира важни теми од реалноста, важни за граѓаните, а тоа води и кон поефикасни решенија во општествена смисла. Во таа насока се разговараше за значењето на поддршката од државата, во финансиска и квалитативна смисла, за да може филмот од Република Северна Македонија, да го задржи растечкиот тренд на интересот на светската филмска јавност. Филмските работници ја поздравија средбата со премиерот Заев и определбата на Владата на Република Северна Македонија да го поддржи и помага развојот на филмската индустрија.