Премиерот Заев го прими во посета амбасадорот на Република Чешка Томан: Во традиционално добрите взаемните односи има потенцијал за зајакнување на соработката, особено во економијата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска го прими амбасадорот на Република Чешка Мирослав Томан, кој ја најави посетата на министерот за надворешни работи на Република Чешка Томаш Петжичек, кој ќе ја посети нашата земја во март 2019 година, кога се одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

Премиерот Заев, кому на средбата амбасадорот Томан му предаде медал на чешкото Министерство за надворешни работи по повод јубилејот од воспоставувањето на дипломатски односи, ја изрази својата, и благодарноста на Владата на Република Северна Македонија од континуираната поддршка на Република Чешка за нашата земја за време на сите изминати години, и изрази убедување дека взаемните добри односи и понатаму ќе растат и ќе се прошируваат и истакна дека се надева дека во блиска иднина ќе има и официјална посета на премиерот на Чешка Андреј Бабиш на Република Северна Македонија.

Амбасадорот на Република Чешка Томан пренесе честитки во име на чешката влада за успешно реализираниот договор со Република Грција, како и за отворениот завршен процес од приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во НАТО, и информираше дека во неговата земја веќе е покрената постапката за ратификација на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО.

На средбата, премиерот Заев и амбасадорот на Република Чешка Томан разговараа и за идните перспективи за соработка меѓу двете земји, особено во делот на поддршката на Чешка во процесот на аспирациите на нашата земја за членство во ЕУ, и истакнаа дека голем потенцијал за проширување и зајакнување на односите има во можностите за економска соработка.