Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Боштајн Поклукар, министер за внатрешни работи на Република Словенија.
Пренесени се честитки до премиерот Заев, од неговиот колега, премиерот Марјан Шарец и од словенечката Влада, за ефикасното решавање на долгогодишниот спор со јужниот сосед. Посочено е дека политиките на премиерот Заев покажуваат дека е можно проблемите да се решаваат, а не само да се говори за нив. Изразено е очекување дека преку Договорот од Преспа и со оперативните реформи што ги прави нашата држава ќе се заокружи процесот на интегрирање на Република Северна Македонија во НАТО, како и дека ќе се успее во отворањето пристапни преговори со ЕУ.
Премиерот Заев упати благодарност до словенечкиот премиер Шарец и до Владата во Словенија за искрената, пријателска и принципиелна поддршка од Словенија во сите клучни процеси за нашата држава, вклучително и за тоа што Република Словенија е втората држава што го ратификуваше Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО.
- Преку Договорот од Преспа придонесовме за унапредување на билатералните односи со нашиот сосед Грција, но и за напредокот на целиот регион. Има позитивно влијание и на економски план, бидејќи порасна бројот на заинтересирани инвеститори за инвестирање во Македонија. Веруваме дека ќе дадеме аргументи во периодот што претстои, за сите земји членки да го поддржат отпочнувањето на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, рече премиерот Заев.
На средбата е констатирано дека постојат услови за унапредување на соработката меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји. Изразена е согласност дека безбедноста на државата е важен услов за економијата и најавено е дека Република Словенија ќе настојува да ја продлабочи соработката со нашата држава и на економски план.