Во организација на Советот на Европа во рамките на Хоризонталниот инструмент на Европската Унија/Советот на Европа за Западен Балкан и Турција, проектот на ЕУ/СНЕ за борба против економскиот криминал, на 26-27 февруари, 2019 година во Тиват, Црна Гора се одржа регионална работилница за процена на ризикот заради сузбивање на финансирањето на тероризам во непрофитниот сектор. Учесници на оваа работилница беа претставници од земјите на: Република Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Турција. Претставници на Република Северна Македонија беа: националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Борче Петревски, претставник од Управата за финансиско разузнавање, кој истовремено е член во Националниот комитет, како и двајца претставници од Управата за безбедност и контраразузнавање и од Агенцијата за разузнавање.
Одржувањето на работилницата беше во насока на остварување на повеќе цели: олеснување на подготвувањето и спроведувањето на процена на ризикот во непрофитниот сектор; обезбедување средства на државните органи како сеопфатно да го проценат ризикот од финансирање на тероризам (со оглед на потребата да се одржи интегритетот на непрофитниот сектор), подобрување на спроведувањето на меродавните стандарди и применливите препораки, вклучително и препораките од оценките на MONEYVAL, кои се важни за надминување на ризикот од финансирање на тероризмот во овој сектор.
Во текот на работилницата, од страна на учесниците, беа развиени практични алатки и методологии неопходни за вршење на сеопфатна процена на ризикот на финансирање на тероризам во непрофитниот сектор, се дискутираше за спроведување на потребните механизми за заемна контрола на институциите, зголемена беше свесноста кај практичарите и носителите на политики за меѓународните стандарди во поглед на правната рамка за спречување и сузбивање на финансирање на тероризам во овој сектор, како и предвиден реалистичен сет на активности за надоврзување врз резултатот од процена на ризикот, и за изработка на соодветни регулаторни и законодавни одговори.
Учеството на работилницата и разменетите искуства со земјите од регионот е од голема корист за Националниот комитет за СНЕ и БПТ при изготвување на ефикасна проценка на ризик од финансирање на тероризам (вклучително и во непрофитниот сектор) и сеопфатно подобрување на оваа област.