Претставата „Мечка“ во Театар „Комедија“ толкувана и на знаковен јазик

Заменик министерот за култура Владимир Лазовски заедно со министрите за труд и социјална политика и за здравство Мила Царовска и Венко Филипче вчера во Театарот „Комедија“ присуствуваа на изведбата на претставата „Мечка“, во режија на Димче Николовски, која беше толкувана и на знаковен јазик.

Изведбата на претставата  „Мечка“ толкувана на знаковен јазик која имаа можност да ја проследат и лица со оштетен слух, се реализира на иницијатива на министерот за култура Асаф Адеми. Претставата е дел од мерките на Министерството за култура и на Театарот „Комедија“, во соработка со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Северна Македонија, за поголема достапност на културните содржини за лицата со попреченост.

Со овие мерки, првпат во нашата земја театарска претстава е достапна и за глувите лица, кои непречено ќе може да уживаат во придобивките на културните манифестации.

Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и Министерството за култура и во иднина ќе настојуваат во националните и во локалните установи  да бидат ангажирани и професионални толкувачи на знаковниот јазик.