Шекеринска во Белата куќа и во Стејт департментот ја пренесе пораката: Сметаме на брз и ефикасен процес на ратификација на Протоколот за членство во НАТО, нашиот успех е успех и за регионот

Заменик претседателката на владата и министер за одбрана Радмила Шекеринска ја продолжи посетата на САД чија цел е да се забрза ратификацијата на Протоколот за членство на нашата земја во НАТО. По средбите со нејзиниот американски колега Патрик Шанахан и со американски сенатори, таа во Белата куќа се сретна со директорот за европски прашања Вилијам Беркли и со советничката на потпретседателот на САД Мајк Пенс, Лаура Габриел Кован.

Високите претставници на Белата куќа ја пренесоа силната поддршка на САД за членството на Македонија во НАТО и упатија честитки за „силното и инспиративно лидерството-пример за храброст, пожртвуваност  и фокусираност кон иднината“ на Владата, која преку реформските процеси и силната политичка волја, како што рекоа, обезбедила аргументи со кои ја освојува поддршката и од најголемите скептици.

На средбите со високите претставници во Стејт департментот, Мајкл Марфи и Стенли Браун, Шекеринска доби честитки за Договорот од Преспа кој ја претставува нашата земја „како успешна приказна за Балканот и за цела Европа“.

Тие високо ги оценија реформите во одбраната и ги нарекоа силни аргументи за заложбите за побрза ратификација на Протоколот. Помошник секретарот во Стејт департментот Мајкл Марфи потенцираше дека најавата за достигнување на 2% од БДП за одбраната и издвојувањето на 20% од буџетот на одбраната за модернизација, се реформски мерки кои во САД имаат поддршка и од републиканците и од демократите.

Влијателниот тинк тенк „Германски Маршалов фонд“ организираше дебата со министерката, на која таа ги објасни заложбите за побрза ратификација на Протоколот. “Важно е успехот да биде потврден што е силна порака за регионо- рече Шекеринска.

„Земјите кои веќе го ратификуваа нашиот протокол за членство во НАТО, сите се од регионот, што е огромна промена во споредба со времето пред 20 години. Мислам дека сите ја научивме лекцијата дека ако сакаме на нашата земја да и биде подобро и да биде безбедна, треба истото да го посакуваме и за нашите соседи. Тоа е голема победа не само за нас туку и за регионот. Ние сметаме на брз и ефикасен процес на ратификација, очекуваме наскоро да станеме полноправна членка на НАТО, работиме напорно на домашните реформи во одбраната, владеењето на правото, медиумите, реформите во разузнавачкиот сектор, и сметаме на ЕУ - да испорача на нивниот Самит во јуни. Големиот успех може да биде сигнал и пример за регионот” - рече Шекеринска.

Таа рече дека на средбите во Пентагон и во Стејт Департментот и било пренесено дека подготовките за ратификација на Протоколот се во тек. Во Сенатот има надеж дека процесот во САД ќе почне есенва, со цел ратификацијата да биде комплетирана пред Самитот на НАТО во Лондон.