Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на комеморативна свеченост што се одржа во Националната установа „Македонски народен театар“ - Скопје, по повод одбележување на 76 години од депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот логор Треблинка и официјалното отворање на музејската поставка во Меморијалниот центар на холокаустот.
Во продолжение, ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев:
Холокаустот е човечка трагедија која не може да се спореди со ниту една друга од мрачната страна на нашата цивилизација. Чин на зло во неговата најужасна форма.
Денеска, кога ја одбележуваме 76 годишнината од депортацијата на македонските Евреи во нацистичките логори на смртта, велиме дека тој ужасен чин ќе остане засекогаш запаметен, а сеќавањата на жртвите ќе останат засекогаш наша обврска за - Никогаш повеќе да не се повтори!
Во име на сите еврејски жртви и во име на сите жртви од Втората светска војна.
Кога ја одбележуваме депортацијата и погубувањето на 7 илјади и 144 македонски Евреи, во логорот Треблинка, и кога им оддаваме помен и на останатите шест милиони невини еврејски мажи, жени и деца, сите ние, сакале или не, се соочуваме со сите овие жртви.
Како во огледалата на Музејот на Меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи, кога нашиот лик станува дел од приказната на сите Евреи.
Холокаустот не е само една темна страница од Втората светска војна. Со сиот свој ужас, овој геноцид е предупредување и лекција за сите нас, од сите вери, за сите времиња.
Тегобноста од сеќавањето за ова страдање е неискажлива.
Тегобно е зашто жалиме за младите луѓе кои никогаш немаа шанса да пораснат. Жалиме за децата кои никогаш не добија можност да одат на училиште или да ги направат своите први чекори.
Жалиме за цели семејства кои беа погубени, жалиме за роднините, жалиме за целата еврејска заедница во нашата земја.
Жалиме за раните во душите и срцата што преживеаните ги носеа целиот свој живот и за лузните во душите на сите идни генерации.
Жалиме и секогаш ќе се сеќаваме...
Но, јас денес сакам да кажам дека чувствувам и гнев.
Кога размислувам за тоа, чувствувам длабок гнев за антисемитизмот во светот кој уште не е поразен.
На антисемитизмот мора да му ја спротивставиме сета моќ на демократскиот свет, и во секоја земја.
Омразата мораме да ја соочиме со пораз. Да ја поразиме пред таа да ја порази демократијата.
Сите ние треба да продолжиме да го правиме тоа што е потребно. Да одбиеме да им дозволиме на недемократските сили да ја злоупотребуваат демократијата за да ја уништат.
Мојата порака секогаш ќе биде: Република Северна Македонија е дом на сите нејзини граѓани, без исклучок. Нашите градови се градови на сите наши граѓани.
Улиците низ кои одите секој ден, се ваши улици.
Историјата на Република Северна Македонија, е историја на сите наши граѓани. Иднината на сите наши граѓани е иднината на Република Северна Македонија.
Нашите сограѓани, Евреите, беа, и остануваат, записи на нашето заедничко постоење, испишани со години и векови на историја и традиција, борба и пркос за подобро утре за сите коишто живеат и живееја на овие простори.
Денес, би сакал да им се заблагодарам на Еврејската заедница на Република Северна Македонија и Фондот на Холокаустот од нашата земја. Вие овозможувате да се сеќаваме и да ја паметиме историјата и културата на нашите сограѓани, на нивните предци.
Вашата заложба ја прави Северна Македонија побогата и граѓаните на целата земја ви се благодарни за тоа.
Токму затоа, од исклучителна важност е отворањето на новата, трајна музејска поставка во Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија, што ќе имаме можност да ја посетиме веднаш после оваа комеморација.
Ќе ми дозволите да откријам само неколку детали од исклучителната музејска поставка. Само неколку детали што потврдуваат дека без разлика на сите прогони и егзодуси на кои беа изложени, освен што секогаш го носеа сопствениот силен белег на нивната автентична култура, вера и традиција, Евреите секогаш беа и врзивно ткиво на култури и традиции.
Така беше и на нашето, македонско тло.
Музејската поставка регистрира исклучително занимлив факт: Најстарата синагога во светот, надвор од Израел, е во Стоби, во Северна Македонија.
Првите книги на Балканот се печатени во Еврејската печатница, на првата Гутенбергова печатарска преса во Османлиската Империја.
Музиката на Евреите се проникна со музиката на македонскиот и балканскиот традиционален фолклор.
Кога после освојувањето на Константинопол, султанот на Османлиската Империја повикал на обновување на градот, романиотската Еврејска заедница од Охрид, која се населила во Константинопол, ја гради една од најстарите синагоги во денешен Истанбул, која и денес постои и се вика Синагога Ахрида.
Еден од последните преживеани илинденци се викаше Рафаел Камхи, Евреин од Битола.
Меѓу оние кои го преживееја прогонот и кои успеаја на 11 март 1943 година да се засолнат за да не бидат однесени во Монополот во Скопје, се оние кои многу бргу потоа се приклучија во Народноослободителната и антифашистичката борба на целиот македонски народ.
Генералот Бено Русо, народниот херој Естреја Овадија-Мара, првоборците Жамила Коломонос-Цвета и Роза Камхи Русо, Мориц Шами и Виктор Мешлуам, Алберт Русо, Хаим Садикарио и Нисим Алба, борците Аврам Анаф и Ели Фраџи, Јосеф Песо, Мордо Толедано и Арон Ароести, Естреја Леви и Самуел Садикарио, Алберт Касорла и, АСНОМ-ецот Исак Сион.
И други преживеани македонски Евреи се бореа за слободата и за создавањето на македонската држава.
Од нив подоцна израснаа идните, денешните генерации на новата Еврејска заедница во нашата земја, кои пред точно 75 години ја обновија Еврејската заедница.
Тука Евреите беа прифатени како наши почитувани сограѓани. Евреите беа и останаа почитувани членови на нашата заедница. Во секоја сфера од животот.
И денес, кога се навршуваат 76 години од депортацијата на еврејското население, македонските граѓани велат дека никогаш нема да ги заборават своите некогашни сограѓани од Скопје, Штип и Битола.
Денеска, нашата сплотеност во осудувањето и сеќавањето на депортацијата на нашите сограѓани во логорот на смртта Треблинка е повеќе од само симболична.
Денес ги повторуваме лекциите од минатото, за да го потврдиме изборот за иднината којшто заеднички ја создаваме.
Омразата не е наш избор. Различностите, љубовта кон ближниот, почитта кон другиот, поддршката, соработката и пријателството, се вредностите коишто ги прифаќаме со нашите мисли и срца, и ќе ги практикуваме низ нашите дела.
Никогаш да не заборавиме што се случи во нашиот град пред 76 години.
Да се сеќаваме, за никогаш да не се повтори.
Историјата на Холокаустот не е само лекција од минатото, туку е и лекција за иднината. Лекција која треба добро да ја знаеме да се браниме против опасностите и да ги пресретнеме пред време.
Лекција која нѐ учи да ја сочуваме човечноста. Да не се случи никогаш да се препуштиме на рамнодушноста за да не го загубиме достоинството, да не се поништиме како луѓе.
Нашата должност е да не молчиме.
Нашиот силен глас против ужасите на злосторствата против човештвото е наша обврска кон починатите, кон преживеаните и за идните генерации.
Благодарам!