Сугарески и Китанов во Делчево: Ги реконструираме регионалните патишта кои водат до граничните премини со Република Бугарија

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, денеска беа во работна посета на општина Делчево.

На средбата со градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, разговараа за проектите во инфраструктурата кои се финансирани од централната власт како и тие што се финансираат од локалниот буџет.

Посетата на општина Делчево, ја искористија да извршат увид во реконструкција на регионалниот пат Делчево - Звегор до граничен премин Делчево.

Ова е многу значаен пат бидејќи е дел до рутата на Коридор 8 што не поврзува со Република Бугарија и најчесто користен патен правец за излез од земјата, истакна министерот Сугарески.

 

 

„Она што е многу важно и што ни е приоритет како Влада е да обезбедиме брза конекција со граничните премини. Од таа причина започнавме со реконструкција на овој патен правец кој води до граничниот премин Делчево. Tоа значително ќе ја олесни комуникацијата со нашиот сосед Бугарија, а верувам дека ќе влијае и на економската соработка меѓу пограничните општини од овој дел на земјата со општините од бугарска страна”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта истакна дека овој патен правец е започна со реконструкција во месец ноември минатата година и истиот се очекува да заврши јули оваа година.

„Увидовме дека во овој регион многу патиштата не се опфатени со реконструкција наназад триесетина години. Затоа ги опфативме преку проектот на Светска банка, ги тендериравме минатата година и ги воведовме во работа во месец ноември минатата година. Сега со градежната сезона се интензивираат работите. Тоа се патните правци, Делчево-Звегор, Делчево Пехчево и Берово - Виница со вкупна вредност од околу 3,5 милиони евра. Понатаму и патните правци,  Берово - Струмица како и Берово - граничен премин Клепало”, изјави директорот на ЈП за државни патишта,  Зоран Китанов.

Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски истакна дека ова е многу значаен проект бидејќи ова е главен транзитен дел што води до граничниот премин Делчево. Според него со реконструкцијата ќе се зголеми безбедноста како и дополнително ќе се зајакнат економските врски до пограничните општини од Република Бугарија.