Унапредување на правата и овозможување на подобри услови за лицата со попреченост е приоритет на Министерството за труд и социјална политика. Со новиот Закон за социјална заштита, кој е дел од социјалната реформа, се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост-Лична асистенција и услугата Домашна нега. Правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50% од просечна нето плата.
Како поддршка на биолошките семејства кои имаат деца со попреченост, се зголемува износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15%. Воедно се воведува и таканаречениот траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж. Исто така, се развива и услугата за замена на семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив, што е исто така дел од новиот Закон за социјална заштита.
Владата на Република Северна Македонија изминатата година ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, кој предвидува 66 милиони евра за 10 годишна реформа на системот за социјална заштита. Веќе се направени првите чекори за воспоставување на индивидуализирани социјални услуги во заедницата - за првпат во земјата се воведе услугата персонална асистенција, финансирана од Буџетот на МТСП. По завршувањето на подготовките, вклучувајќи и обука на идните персонални асистенти вкупно 69 лица во 7 општини добија можност да ја користат услугата персонална асистенција. За оваа година се предвидува 200 лица со попреченост од целата земја да ја користат оваа услуга, вклучувајќи ги и лицата со интелектуална попреченост.
Новиот Закон за социјална заштита е клучен за зголемување на правата на лицата со попреченост. МТСП посветено работи да го зголеми обемот на услуги за нив и нивните семејства и презема сериозни активности за развивање на индивидуалните услуги, кои ќе овозможат независен и поквалитетен живот на лицата со попреченот и нивно поголемо социјално вклучување.