„Гледам тука лица кои со години се борат и се бореа заедно со мене и без мене за намалување на нееднаквоста во оваа наша држава, се бореа за подобри социјални права за нашите граѓани, се бореа против сиромаштијата. Не само што се боревме, денеска имаме моќ да направиме чекори, суштински да нашата држава стане поправедна, поеднаква, да има помалку сиромашни граѓани“, со овие зборови министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, го започна своето обраќање на јавната расправа за предложениот Закон за социјална заштита која се одржа денеска во Собранието на Република Северна Македонија.
Предложениот Закон за социјална заштита е еден од трите законски регулативи од социјалната реформа со која се преобразува целото општество и начинот на кој државата се грижи за најранливите, но и се воведува праведна распределба на средствата.
„Ние се декларираме како социјална држава, но бевме сведоци дека сите политики кои се креираа во минатото беа токму да ја зголемат нееднаквоста, да трансферираат финансиски средства на побогатите, наспороти посиромашните и затоа денеска имаме бројка од 400.000 наши сограѓани коишто живеат во сиромаштија, а право на детски додаток имаат не повеќе од 3.000 деца“, продолжи Царовска.
Владата покажа не само дека треба, туку покажа дека знае и може да направи реформа која е неопходна и да предвиди буџет за граѓаните конечно да ги добијат своите достоинствени права и да се извлечат од сиромаштија. Со новиот пакет закони, кој требаше да биде изгласан во Собранието и да започне да се применува од 01.01.2019 година, се дава и можност за развој на социјалните услуги, за сите граѓани, граѓански организации, компании да основаат социјални услуги, коишто понатаму ќе треба да се акредитираат и лиценцираат.
„Со тоа што реформата не е се уште донесена, повеќе од 30.000 домаќинства не ја добиваат достоинствената парична помош или минимален адекватен приход, повеќе од 60.000 деца не ги земаат детскиот и образовниот додаток, 1000 вработени и повеќе од 4.000 вработени во градинките во центрите за социјална работа не ги добиваат своите достоинствени плати“, дополни Царовска.
На расправата покрај учествотото на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и пратениците, имаше претставници од граѓанските организации и експерти. Со социјалната реформа се воведува и социјална пензија за да им се овозможи достоинствен живот за оние кои го граделе нашето општество, а немаат извор на приход од кој можат да се издржуваат. Реформата е поддржана од цела меѓународна јавност и сите граѓани коишто живеат во сиромаштија.
„Ајде сите денеска да кажеме дека е потребен поквалитетен живот за сиромашните граѓани и ајде сите заедно, независно од партиските оклопи да кажеме ЗА социјална правда во нашата држава“, заврши Царовска.