Државниот секретар во МНР, Виктор Димовски и Монс. Киро Стојанов, на прес-конференција по повод посетата на Светиот Отец, Папата Франциск во Северна Македонија: Историска посета на државата која се организира на највисоко ниво

По повод апостолската посета на Светиот Отец, Папата Франциск во Република Северна Македонија, денеска во галеријата на НУ „Спомен-куќа на Св. Мајка Тереза“ во Скопје, се одржа прес-конференција на која државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски и Монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх, информираа за програмата на претстојната посета.

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, Виктор Димовски кој е истовремено и претседател на Организациониот одбор за посетата на Светиот Отец, Папата Франциск во земјата, рече дека соодветно на големината и значењето на оваа посета за земјата и за регионот, Владата и Министерството за надворешни работи, како носители на организациските активности, ќе обезбедат сите кои ќе бидат непосредно вклучени во организацијата на овој настан да бидат на висината на задачите и протоколите кои важат за посетите на Светиот Отец, Папата Франциск, како неспорен првенец и морален авторитет на Денешницата.

„Сакам да напоменам дека со желба за максимално успешна организација на овој исклучително значаен и голем настан, креиравме посебна веб страница, www.papa.mk, на која се објавуваат сите неопходни вести, организациски и сервисни информации од важност за граѓаните и за медиумите. На веб страницата веќе е објавен повик за пријавување за присуство на настаните за граѓани од странство, како и повик за акредитација за странските медиуми. Повиците за пријавување и акредитација за граѓаните на нашата земја и за домашните медиуми ќе бидат објавени деновиве“, истакна државниот секретар во МНР Димовски.

Во име на Организациониот одбор за посетата на Светиот Отец, Папата Франциск во РСМ, државниот секретар Димовски најави средби и брифинзи со новинарите за повеќе детали од интерес на медиумите за организацијата на овој, како што рече, голем настан и од историско значење за земјата и за граѓаните од сите верски и етнички заедници.

Програмата на посетата на Светиот Отец, Папата Франциск и делегацијата на Ватикан, започнува со пристигнување во Скопје на 7 мај, рано претпладне, со церемонија на свечен дочек. Церемонијата за добредојде, со највисоки државнички почести ќе се организира во претседателската вила на Водно, по што ќе следува средбата со претседателот на Република Северна Македонија, Ѓорге Иванов. Светиот Отец Папата Франциск потоа ќе оствари средба со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, по што ќе следува средба со државниот врв, цивилното општество и дипломатскиот кор во нашата земја. Агендата на посетата на Светиот Отец Папата Франциск потоа предвидува Посета на Спомен куќата на Мајка Тереза со лидерите на верските заедници од нашата земја, како и средба со сиромашни граѓани. Централниот настан, светата миса со која ќе чиноначалствува Светиот Отец Папата Франциск ќе се одржи на плоштадот „Македонија“.

После светата миса, Папата Франциск ќе се упати во катедралата „Пресвето Срце Исусово“, каде што ќе се оствари екуменска и меѓурелигиска средба со претставници на младите од нашата земја и од регионот, кои тој ден ќе бидат во Скопје. Светиот Отец, Папата Франциск потоа ќе има средба и со свештениците и нивните семејства, како и со Богу посветените лица од Католичката Црква во Република Северна Македонија, по што ќе следи официјалното испраќање на делегацијата од аеродромот во Скопје.

На прес-конференцијата, Монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх, зборуваше за големината и извонредната важност на овој настан и за Црквата и за Државата. Укажувајќи на улогата на медиумите, тој рече дека сите пораки што ќе се слушнат, настаните што ќе се видат, во голем дел ќе зависат и од медиумите за тоа како ќе бидат пласирани во јавноста.

„Не се сомневам во вашата професионалност, квалитетот на известување и вашата максимална ангажираност. Олеснителна околност за нас е моделот на Понтификатот на папата Франциск. Од првиот ден на својот Понтификат извонредно внимание посветува на така наречениот мал човек. Католичката црква, според бројот на верници, во нашата Земја е незначителна, сепак, во свеста на папата Франциск нема незначителни луѓе. Едноставно и таквите сака да ги посети, охрабри и да биде солидарен и со малите заедници на Црквата. Но, тој покрај Поглавар на Црквата е и Државник. Затоа неговата посета е посета на Црквата и Државата“, истакна Монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх.

За прв пат во историјата, Република Северна Македонија, нејзините граѓани од католичката вероисповед, но и сите други граѓани на земјата, на чело со претседателот и премиерот на Република Северна Македонија, ќе бидат домаќини за време на посетата на Светиот Отец, Папата Франциск и делегацијата на Ватикан.


Државниот секретар во МНР, Виктор Димовски: Посетата на Светиот Отец, Папата Франциск во Северна Македонија претставува голема чест и има силна симболика

 

По повод апостолската посета на Светиот Отец, Папата Франциск во Република Северна Македонија, денеска во галеријата на НУ „Спомен-куќа на Св. Мајка Тереза“ во Скопје, се одржа прес-конференција на која државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски и Монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх, информираа за програмата на претстојната посета.    

Во продолжение, ви го пренесуваме во целост обраќањето на државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски:

 

 

„Ми претставува голема чест и задоволство што денеска имам можност со вас да ги споделам првичните информации поврзани со посетата на неговата светост, Папа Франциск на Република Северна Македонија, посебно поврзаноста со организационите аспекти на посетата.

За прв пат во својата историја, Република Северна Македонија, нејзините граѓани од католичка вероисповед, но и сите други граѓани на нашата земја, на чело со претседателот, Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев, на 7 мај, ќе бидат домаќини на посетата на Светиот Отец Папата Франциск и на високата делегацијата од Ватикан.

Првата посета на поглавар на католичката Црква на главниот град на нашата државата, претставува голема чест и има силна симболика. Се реализира во годината кога одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи и претставува потврда на пријателските односи и соработката заснована на значајни историски врски, споделени духовни вредности и традиции. Во овој контекст неодминливо е споменувањето на светите ликови на Мајка Тереза, како и на светите браќа, словенските просветители Кирил и Методиј, чии хумани мисии оставија трајни духовни и цивилизациски вредности.

Соодветно на големината и значењето на оваа посета за нашата земја и за регионот, Владата и Министерството за надворешни работи, како носители на организациските активности, во соработка со кабинетот на Претседателот на државата и сите останати инволвирани институции ќе обезбедат сите оние кои ќе бидат непосредно вклучени во организацијата на овој настан да бидат на висината на задачите и протоколите кои важат за посетите на високиот гостин од Ватикан, кој важи за неспорен првенец и морален авторитет на Денешницата.

Светиот Отец Папата Франциск и делегацијата на Ватикан на аеродромот во Скопје ќе пристигнат на 7-ми мај оваа година, во утринските часови, при што ќе биде организирана соодветна церемонија за добредојде.

Официјалната церемонија, од друга страна, со највисоки државнички почести ќе се организира во претседателската палата на Водно, по што ќе следува средбата со претседателот Ѓорге Иванов.

Светиот Отец Папата Франциск потоа ќе оствари средба со претседателот на Владата, Зоран Заев, по што ќе следува средба со претставници на државниот врв, на цивилното општество и  на дипломатскиот кор во нашата земја.

Агендата на посетата, потоа предвидува посета овде на Спомен куќата на Мајка Тереза, каде ќе има средба со лидерите на верските заедници, како и средба со сиромашни граѓани.

Централниот настан, светата миса со која ќе чиноначалствува Светиот Отец Папата Франциск ќе се одржи на плоштадот „Македонија“.

После светата миса, Папата Франциск ќе се упати во катедралата „Пресвето Срце Исусово“, каде што ќе се оствари екуменска и меѓурелигиска средба со претставници на младите од нашата земја и од регионот кои тој ден ќе бидат во Скопје.

Светиот Отец, Папата Франциск потоа ќе има средба и со свештениците и нивните семејства, како  и со Богу посветените лица од Католичката Црква, по што ќе следи официјалното испраќање на делегацијата со соодветна церемонија на аеродромот во Скопје.

Сакам да напоменам дека со желба за максимално успешна организација на овој исклучително значаен настан, креиравме посебна страница, www.papa.mk, на која се објавуваат сите неопходни вести, организациски и сервисни информации од важност за граѓаните и за медиумите.

На веб страницата веќе е објавен повик за пријавување за присуство на настаните за граѓани од странство, како и повик за акредитација на странски медиуми.

Повиците за пријавување и акредитација на граѓаните на нашата земја и за домашните медиуми ќе бидат објавени деновиве.

Истовремено, во име на Организациониот одбор за посетата на Светиот Отец Папата Франциск, најавувам и следни средби и брифинзи со  вас новинарите за повеќе детали од ваш интерес за организацијата на овој голем настан.

Почитувани претставници на медиумите, дозволете ми да завршам со констатација дека се подготвуваме и организираме настан од историско значење за нашата земја и за граѓаните од сите верски и етнички заедници, настан кој во ова време на интеграции на земјата ја засилува внатрешната кохезија и дава стимул на нашето заедничко живеење. 

Во ова смисла, посетата на Папата ја гледаме како директен придонес кон унапредувањето на регионалниот и светскиот мир и како признание за улогата што Република Северна Македонија ја има во овие процеси.

Благодарам.“


Монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх на прес-конференција: Посетата на Светиот Отец, Папата Франциск во Северна Македонија е апостолско патување што има задача да донесе духовни плодови

 

По повод апостолската посета на Светиот Отец, Папата Франциск во Република Северна Македонија, денеска во галеријата на НУ „Спомен-куќа на Св. Мајка Тереза“ во Скопје, се одржа прес-конференција на која државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски и Монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх, информираа за програмата на претстојната посета.    

Во продолжение, ви го пренесуваме во целост обраќањето на скопскиот бискуп и струмичко-скопскиот епарх, Монс. Киро Стојанов:

 

 

„Срдечно ве поздравувам и јас, на оваа прва прес-конференција, а сѐ по повод посетата на светиот Отец Папа Франциск на нашата Црква и нашата Држава. Свесен сум на големината на овој настан кој и за Црквата, и за Државата е настан од извонредна важност. Свесен сум исто така дека и таа посета и сите пораки кои што ќе ги слушнеме, настаните што ќе се видат во голем дел ќе зависат од вас медиумите како ќе бидат пласирани во јавноста. Не се сомневам во вашата професионалност, квалитетот на известувањето и уште повеќе, вашата максимална ангажираност. Стара поговорка вели: „сѐ што не е запишано како да не се случило, останува запишано во срцата на луѓето но тоа е сѐ“.

Олеснителна околност за нас е моделот на Понтификатот на папата Франциск. Од првиот ден на својот Понтификат извонредно внимание посветува на така наречениот мал човек. Католичката црква, според бројот на верници, во нашата Земја е незначителна, сепак, во свеста на папата Франциск нема незначителни луѓе. Едноставно и таквите сака да ги посети, охрабри и да биде солидарен и со малите заедници на Црквите. Но, тој покрај Поглавар на Црквата е и Државник. Затоа неговата посета е посета на Црквата и Државата.

Посетата на Светиот Отец Папа, е апостолско патување, задача на тоа апостолско патување е да донесе духовни плодови. Дословно како онаа парабола од Евангелието: „треба да се обработи теренот“, односно да се подготви „нивата“ за да Божјото слово кое ќе биде во знакови и во навестување падне на плодна почва. Разбирливо, важен е оној кој обработува и оној кој сее, но многу поважен е оној кој дава да се развива и расте, а тоа е господ Бог. Затоа упатив пастирско послание до сите наши верници во кое ја протолкував важноста на една ваква подготовка а најповеќе во молитвата. Ја искористив таа пригода на верниците да им го објаснам верничкиот поглед и на логото и на мотото за оваа посета.

Од друга страна, на крајот на тоа пастирско писмо дадени се конкретни упатства како што се: секојдневна молитва за благослов на доаѓањето на Папата, печативме посебни сликички со молитвен текст, молејќи секојдневно молитва после Светата Литургија или секој верник посебно преку денот, за успешна пасторална апостолска посета на Светиот Отец Папа. Одредено е секоја парохија да избере еден ден во седмицата така наречен „Папски ден“, на која верниците се собираат на обожување, читање на св. Писмо или на која друга молитва. Исто така, седмично се одржуваат катехези за сите верници што можат да дојдат, а на катехезите се обработува Таинството на Црквата и службите во Црквата на посебен начин Петровата служба во Црквата.

Не би сакале да оставиме на ништо случајно, туку сакаме духовно да бидеме подготвени за да таа негова посета не биде само манифестација, туку духовно да вроди голем плод.

Посетата, како што веќе слушнавте од неговата екселенција почитуваниот г-дин Димовски, после официјалната посета на државниот врв и церемониите кои што ќе се објават таму, посетата доаѓа овде во Спомен куќата на Мајка Тереза, што е од големо значење. Тука се предвидени две значајни средби: со Верските поглавари и со сиромашните и  од тука сметам дека тоа е голем чекор за освестување дека Мајка Тереза е наша сограѓанка, а сиромашните наши најблиски браќа и сестри, без да ги делиме според етничка и верска припадност, туку така како што Мајка Тереза направи, кога отпатува од ова место во далечната Индија и се грижеше за сите кои што се во потреба.

На Централниот плоштад во Скопје ќе се одвива една од најсветите средби, бидејќи св. Евхаристија е средба со Бога и човекот. Најсвечената Литургија е таа која најповеќе говори за тоа заедништво за Бога и човекот. Кога како Црква сме во најголемиот степен на заедништво, кога Литургијата ја предводи Светиот Отец Папа, а сослушуваат кардинали, надбискупи, бискупи и свештеници со учество на сите верници. Тоа го сметаме најголемиот чин на оваа посета. Се осмелувам да кажам но и се надевам дека таа ќе биде најубавата Литургија во Скопје. А воедно ја очекувам и најсилната порака која ќе биде упатена до верниците и сите луѓе со добра волја.

Младите на секое патување на Папата се неизбежни, така ќе биде и кај нас. Очекувам дека таа средба ќе биде охрабрување за соживот и соработка на младите генерации без поделби на клуч по вера и нација, затоа што таа средба е предвидена екуменска и меѓурелигиска средба на младите со Светиот Отец Папа.

Средбата на Папата со свештенството, монаштвото и соработниците е средба за соживот. Верувам дека пораката на Папата ќе биде многу јасна и силна, бидејќи од досегашните искуства гледаме дека на таа средба посветува големо внимание.

Како бискуп, очекувам големи плодови на милост за верниците на нашата Црква и за сите други верници што имаат отворено срце за Божјото слово и желба дека и самите можат да придонесат кон изградбата на посовршено општество, каде нема да биде осиромашување на духовните вредности. Реално очекувам обнова на нашата вера и храброст уште поавтентично да ја живееме и не само во исповедувањето туку и во извршувањето, односно отворени кон сето тоа што е добро и да бидеме достојни наследници на харизмата на св. Мајка Тереза, да ги сакаме и помагаме нашите браќа во потреба. Оваа посета може да биде знак на добра волја да ја почитуваме нашата совест и достоинството на секоја личност и народ и да живееме со повеќе плодови на соработка и безбедност. Молитвата е таа која ќе ни помогне оваа посета ја доживееме како знак на Божјата љубов и зацврстување во верата. Да не заборавиме дека во мотото "не плаши се, мало стадо", Исус ни зборува за надежта во Божјата бесконечна татковска грижа за сета природа, а колку повеќе за човекот кој што е слика божја.

Благодарам.“