Се најавуваат протести во Охрид за Али пашината Џамија. Граѓанското здружение „Совест“ испрати допис до Министерството за транспорт и врски со барање да се вклучи во истражување во целиот проект за да се утврди дали се работи за нелегална градба.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев оствари средба со в.д. градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски и в.д. директорката на НУ Завод и музеј, Охрид Елеонора Новаковска со претставници и претседателот на граѓанското здружението „Совест“, Михаил Трендафилов.
На средбата се разговараше за наследените проблеми за спорната градба без соодветна документација на дел од религиозен објект во центарот на градот и за изнаоѓање на решенија согласно закон, а се разговараше и за аспектите за заштита на културното наследство во градот Охрид кое е од заедничко значење за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Премиерот Заев посочи дека институциите ќе постапат согласно законите на Република Северна Македонија и дека преку дијалог со сите засегнати страни, а имајќи ја во предвид сензитивноста на прашањето, ќе се изнајдат решенија во интерес на граѓаните на градот Охрид и на државата која останува посветена на заштита и промоција на богатото културно наследство што го поседува градот Охрид.