Вицепремиерот Анѓушев и директорот на ФИТР Деспотовски во посета на „Аквапоника“ - микрокомпанија која е пример за примена на иновации во земјоделството

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски ја посетија компанијата „Аквапоника“, добитник на грант од ФИТР. Проектот на оваа микро-компанија – „Брендирани млади органски салати“ има за цел да воведе нов иновативен производствен процес кој истовремено овозможува контрола на квалитетот на производот „од нива до полица во продажно место“ и лесна следливост на неговото потекло.
    
За време на посетата на дел од нивните засадени површинско градинарски култури во с. Орешани во близина на Скопје, Вицепремиерот нагласи дека ова е одличен пример како државата дава поддршка на микро, малите и средни компании, како оваа микро-компанија која е основана од двајца млади претприемачи, брат и сестра.

„Се почнува од добра идеја, добар план, а со напорна работа и посветеност се постигнува и посакуваниот резултат. Она што го видов тука е дека тие направиле еден издржан и одржлив систем со кој се обезбедува производство во текот на целата година, а не само сезонски. Ова е токму таков пример како добра и едноставна идеја може да резултира во бизнис кој ќе генерира приходи,“ рече Вицепремиерот Анѓушев. Тој нагласи дека изборот за посета на мала компанија од добитниците на грантови на ФИТР, не е случаен, бидејќи поттикнување на раст на малите компании е многу важен за развојот на една економија.

Вицепремиерот потсети дека во тек е вториот повик за ко-финансирани грантови за стимулирање на технолошки развој и иновации на микро, мали и средни компании, за кој се обезбедени 5 милиони евра од ФИТР и Светска Банка.

„Искористете ја можноста, аплицирајте. Од разговори со оние компании кои веќе ја искористиле можноста и потпишале договори, дознавме дека поддршката која ја добиле е особено важна за нивните проекти. Финансиската инекција им дава поголема слобода и сигурност во реализација на проектите и значително се убрзува нивната реализација. Владата ќе продолжи да го поддржува стопанството, успехот на компаниите е бенефит за сите“ рече вицепремиерот Кочо Анѓушев. 

Оваа компанија е една од 11 проекти поврзани со иновации во земјоделие кои до сега добиле финансиска поддршка од ФИТР. 

“Овде можеме да го видиме во пракса она што го повторуваме секогаш, дека иновациите се применливи секаде, не само во ИТ индустријата. Иновациите се практична работа која носи додадена вредност. Во Северна Македонија создадената вредност по ангажирано лице во земјоделието е една третина од европскиот просек, а во однос на една Холандија која е една од најразвиените земји во овој сектор заостанува десет пати. Нашата цел е да создадеме поголема додадена вредност по работник. Од друга страна исто така сакаме преку поддршката на вакви проекти да се намали и зависноста од увоз на вакви производи. На пример Израел земја која е меѓу водечките по инвестиции во иновации во сите сектори е 50% пустинска земја, а задоволува 95% од потребите со домашно локално производство на земјоделски култури, “ посочи Јован Деспотовски, директорот на ФИТР. 

Сопствениците на компанијата „Аквапоника“, Милица и Васе Петрушевски кои по струка се од ИТ секторот и образование велат дека главната цел им е да ги урнат табуата дека земјоделието е ниско доходовно. Тие нагласија дека со нивниот пристап на развој на производ од “семка до полица“ по само неколку месеци носи резултати, како и дека без поддршка од државата нивниот концепт на развој на домашни брендирани еколошки градинарски производи би бил само идеа. 
Вкупниот буџет на проектот кој ќе трае една година е 50.000 евра од кои 35.000 се од ФИТР, а 15.000 ги вложува компанијата. 

Инаку „Аквапоника“е компанија специјализирана за производство и продажба на сертифициран органски зеленчук и негови полупроизводи. Мисијата на „Аквапоника“ е да развива производи што ќе ги задоволат разновидните потреби на своите потрошувачи, притоа обезбедувајќи и гарантирајќи висок органски квалитет и лесна достапност за потрошувачите. „Аквапоника“ денеска обработува околу еден хектар органски и ниви во органска конверзија. Новата линија на еко-производи веќе се продава во поголемите маркети во земјава.