Министерот Филипче го посети Здравствениот Дом во Крива Паланка и оствари средба со раководството и вработените во оваа јавно здравствена установа

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска оствари средба со директорот на Здравствениот Дом на Крива Паланка, Бранко Стаменковски и вработените во оваа јавна здравствена установа.

На средбата, министерот Филипче ги информираше вработените дека со измената на Законот за здравствена заштита од оваа година првпат во нашата земја, секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавното здравство.

„Секој лекар, кој ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа ќе се вклучи во системот на здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот за патронажна нега. Со оваа реформа, младите лекари добиваат можност да стекнат искуство, да бидат платени за својата работа и да добијат можност за вработување веднаш по завршувањето на стажот“, потенцираше министерот Филипче.

Во 2018 година реализирани се 8 вработувања во Здравствениот Дом. Набавен е нов RTG апарат и нов EKG апарат, со што подобрени се условите за работа на медицинскиот кадар.

На средбата беше разговарано и за системот на ротација, во кој лекарите од Универзитетските Клиники ќе одат во болниците на секундарно ниво и ќе пружаат здравствена заштита на пациентите од овие региони.

Министерот Филипче истакна дека Здравствениот Дом во Крива Паланка нема да се затвора и истите услуги кои досега беа давани ќе продолжат да се даваат на пациентите од оваа општина и околните места.