Отворена Влада - во служба на граѓаните
Работиме врз трансформација на владата и наследените затворени институции во отворени, a државната администрација ја департизираме и ја професионализираме. Транспарентни и отчетни институции, заедно со професионални и независни медиуми, може силно да се спротивстават на корупцијата и да обезбедат професионални служби за граѓаните.
Клучни приоритети:
5.1. Транспарентни и отчетни институции
5.2. Професионализација и департизација на јавната администрација
5.3. Борба против корупцијата
5.4. Слобода на изразувањето
Транспарентни и отчетни институции
Владата на Република Северна Макеодонија ќе продолжи проактивно да објавува информации и документи поврзани со работењето на институциите и ќе се зголемува и бројот на институции коишто се трансформираат од затворени во отворени. Ќе се зголемува обемот и на отворени податоци, коишто редовно се објавуваат на новиот Портал за отворени податоци. Владата ќе продолжи да ги објавува трошењата на носителите на јавни функции, а ќе се објавуваат и целокупните трошења на институциите. Ќе се промовираат можностите од измените на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во насока на зголемување на респонзивноста (одговорноста) на институциите и олеснување на пристапот на граѓаните до јавните информации.
Преку Стратегијата за транспарентност, Владата системски ќе ги втемели стандардите на Отворена влада и ќе обезбеди одржливост на процесот на реформирање на институциите.
Професионализација и департизација на јавната администрација
Владата активно работи врз професионализација и департизација на јавната администрација, како и врз зајакната борба за искоренување на непотизмот во институциите.
Јавноста ќе биде информирана за сите новости кои произлегуваат од хоризонталната функционална анализа на администрацијата, од новиот Закон за високо раководна служба, од измените на Законот за административните службеници, како и на Законот за вработените во јавниот сектор.
Владата ќе го промовира концептот за транспарентен начин на избор на директори и државни секретари, коишто ќе имаат најголема компетенција и искуство во рамки на пријавените, наместо директори според партиска припадност. Ќе се промовира укинувањето на дел од управните и надзорните одбори во институциите.
Борба против корупцијата
Владата ќе води активна јавна комуникација против корупцијата, поддржувајќи ги институционалните решенија коишто произлегуваат од новиот Закон за спречување на корупцијата и од работата на реформираната Државна комисија за спречување на корупцијата. Владата ќе ги повикува граѓаните да ѝ се спротивстават на корупцијата користејќи ги механизмите за пријавување и спречување.
Слобода на изразувањето
Владата, преку јавните комуникации, ќе продолжи да го поддржува независниот медиумски простор, ослободен од политички влијанија. Владата јавно ќе се залага за слобода на изразувањето, но и за спречување на ширењето на дезинформациите и говорот на омраза, со цел граѓаните да бидат точно и навремено информирани и активно да учествуваат во општествените промени.
Ќе се промовираат новостите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со коишто ќе се реформира Националната радиотелевизија и транспарентно ќе се известува за системските решенија за поддршка на медиумите и медиумските работници.