Премиерот Заев со честитки за Велигден до верниците од Католичката црква: Со овој празник се слави и надежта за победа над сите човечки страдања и неправди и ја обновуваме силата за изградба на едно општество за сите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев испрати писмо со честитки до Г. Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх на Римокатоличката Црква, како и до сите верници од Католичката црква во нашата земја, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.
 
„Со победата над смртта и со воскликот „Христос воскресна! Навистина воскресна!“, со воскреснувањето на Исус Христос денеска се слави и надежта за победа над сите човечки ситуации на страдање и неправда. Со радоста на овој, и на сите идни Велигдени да ја негуваме силата за изградба на едно општество за сите, за мирољубива заедница во која се почитуваат верските слободи на сите нејзини граѓани“, се вели во писмото на премиерот Зоран Заев до верниците на Католичката црква и до Г. Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх на Римокатоличката Црква.

Претседателот на Владата на РСМ Зоран Заев во честитките по повод Велигден истакнува дека со празничната радосна духовна обнова, сите верници католици и луѓе со добра волја во Република Северна Македонија, како и од соседството, ја очекуваат и првата, историска посета на Светиот Отец папа Франциск, на нашата земја.
 
На велигденската служба во католичката катедрална црква Свето Срце Исусово, со која чиноначалствуваше Г. Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх на Римокатоличката Црква присуствуваше и делегација на Владата на Република Северна Македонија претставена од Заменик претседателот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ, и министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми.