Подароци на природата на нашата планета се милионите видови кои ги познаваме и ги сакаме, и уште многу други кои остануваат да бидат откриени. За жал, човекот неповратно ја нарушува рамнотежата на природата и како резултат на тоа, светот се соочува со најголема стапка на истребување на видовите.
Причините за глобалното уништување без преседан и брзото намалување на популацијата на растенија и диви животни се директно предизвикани од човечката активност: климатските промени, уништувањето на шумите, загубата на живеалиштата, трговијата со животни и неконтролираното ловство, неодржливото земјоделство, загадувањето и пестицидите. Влијанијата се далекусежни. Добрата вест е дека стапката на исчезнувања сѐ уште може да се забави доколку преземеме итна глобална акција. Оваа е главната порака на овогодинешнато одбележување на Денот на планетата Земја.
Со одржување на еколошки час за значењето на заштитата на богатството и разновидноста на биодиверзитетот со кои нашата земја изобилува и со засадување на дрвни садници во Зоолошката градина, Министерството за животна средина и просторно планирање преку Канцеларијата за комуникација со јавност и Градот Скопје се приклучија кон глобалната акција за одбележување на роденденот на планетата Земја.
Еколошкиот час го подготви Биљана Стевановска од твининг проектот на МЖСПП и СИКЕ - Институтот за животна средина на Финска: „Зајакнување на капацитетите за ефективно спроведување на европското законодавство во областа на заштитата на природата“. Со одржувањето на еко-часот се поддржа и основната препорка на Рамковната Конвенција на Обединети нации за климатски промени (UNFCCC) за одбележување на Денот, дека едукацијата има примарно значење за влијанието на климатските промени, преземањето акција и заедничкото делување за заштита на биодиверзитетот, како и одржливиот развој со што се подобруваат здравјето и благосостојбата на целата заедница.
Потоа, учениците од СУГС Гимназија „Орце Николов“ и штитеници од Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака“ се вклучија во хортикултурно уредување на дел од Зоолошката градина со садење на садници.
Настанот го помогнаа ЈП Паркови и зеленило - Флораком, Зоолошката градина од Скопје, и организацијата „Cities for Forests“, која на глобално ниво делува на подигање на свеста за значењето на шумите.
Според податоците на Мрежата за одбележување на Денот на планетата Земја, во овогодинешната најголема граѓанска акција се вклучиле повеќе од милијарда луѓе во 192 земји во светот.