Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за образование, Арбер Адеми денеска на покана на Стопанската комора Македонија - Турција МАТТО остварија работна средба на којашто заедно со претставниците на бизнис заедницата што ги застапува оваа комора разменија размислувања и предлози за подобрување на бизнис климата и унапредување на економскиот развој на земјата.
Премиерот Заев ги пренесе заложбите на Владата за градење на партнерски однос помеѓу институциите на системот и бизнисот што е важно за унапредување на заедничката соработка во насока на отворање на развојните перспективи на државата.
На работната средба од страна на претседателот на Стопанската комора на Македонија - Турција МАТТО, Ајдован Адемовски беше претставена комората којашто брои 100-тина компании членки кои вработуваат 10.000 наши граѓани и ги потенцираше заложбите за унапредување на заедничката соработка и партнерските релации кои ќе вродат со сериозно учество на приватниот сектор за зголемување на економскиот развој.
„Владата е тука за да им служи на граѓаните и компаниите. Нашите политички цели се поврзани со целите на бизнисот, а тоа е сѐ поголем број на вработувања на наши граѓани, поголем раст на БДП, раст на извозот и потрошувачката. Сите овие параметри по решавањето на политичките прашања се со нагорен тренд и очекуваме да продолжи растот бидејќи севкупниот амбиент во државата се подобрува“, нагласи премиерот Заев и ја потенцираше големината и важноста на традиционалното пријателство на нашата земја со Република Турција со којашто во првите два месеци од 2019 во споредба со истиот период лани бележиме раст на обемот на трговската размена од 10,7%“ порача премиерот Заев.
Вицепремиерот Анѓушев порача дека растот на БДП, од минусно салдо во 2017 сега изнесува 3,7% во последниот квартал од 2018 година што е резултат на растот на реалната економија и приватниот сектор што меѓу другото се должи и на поддршката од Планот за економски раст за раст на конкурентноста и технолошки развој на компаниите.
„Ве повикувам да аплицирате за мерките за поддршка од Планот за економски раст. Законот го проширивме и сега може да аплицираат за поддршка и преработувачките капацитети на земјоделски производи оние што не користат средства од ИПАРД програмите и компаниите од ИТ, бидејќи со измените и софтверот го дефиниравме како производ. Исто така и во делот на критериумите коишто значеа број на вработени, има олеснување“, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за образование, Арбер Адеми побара поддршка од бизнис секторот за како што рече најголемиот реформски процес кој ќе започне да се спроведува пред учебната година во септември, реформата во средното стручно образование.
„Образованието треба да произведува кадри според барањата на пазарот на трудот и според потребите на бизнисот. Оттаму реформата во средното стручно образование е многу важна. Повеќе од 200 компании активно учествуваа во креирањето на новите наставни програми, кои сега освен стручна наобразба ќе содржат и значителен дел на практична настава“, рече министерот Адеми.