Претседателите на Владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов, по повод Велигденските празници разменија писма со честитки за радоста од просперитетот на односите меѓу братските народи на двете земји, и со желби за здравје и благосостојба.
Во своето писмо, Претседателот на Министерскиот совет на Република Бугарија Бојко Борисов изразува уверување дека тој и премиерот Заев со уште поголема сила ќе ги насочат добрината, љубовта и смирението, како дарови од Велигденскиот празник, за придобивките од заедничката европска иднина на двата братски народи.
Со честитките за празникот Велигден до премиерот Борисов и до граѓаните на пријателска Бугарија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, истакнува дека историската прилика што во ист период се на чело на Владите на двата народи е можност за вградување на силна посветеност и искрена љубов во односите на двете земји за унапредување на благосостојбата на граѓаните на двете земји.
„Им посакувам мирни и убави празнични денови на граѓаните на пријателска Бугарија и нека љубовта и милосрдието на кои не учи овој празник, бидат наш животен стил секој ден“, се вели во писмото на премиерот Заев до Претседателот на Министерскиот совет на Република Бугарија Бојко Борисов, по повод празникот Велигден.