Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска учествуваа на отворањето на Генералното Собрание на ЕБОР во рамки на Годишните средби на банката, кои оваа година се одржуваат во Сараево, Босна и Херцеговина. Премиерот Заев присуствуваше на работен појадок со премиерите од Западен Балкан и министрите за финансии, гувернери на ЕБОР на покана на Претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти.
Потоа, премиерот Заев учествуваше на панелот на високо ниво на кој учествуваа премиерите од Западен Балкан на кој разговараа за интензивирање на соработката на регионални проекти, за искористување на можностите за зголемување на регионалната соработка и за значајноста и улогата на ЕБРД како значаен партнер на земјите од Западен Балкан за исполнување на овие цели.
Претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти во своето поздравно обраќање ја издвои Република Северна Македонија како пример за држава со јасна визија и лидерство и му честиташе на премиерот Заев за Преспанскиот договор и посветената работа на економски реформи клучни за охрабрување на нови инвестиции.
„Целта на регионалната економска интеграција е да се создаде регион на отворена и слободна трговија на добра, услуги и инвестиции кој исто така ќе претставува и наша подготовка за наше учество во единствениот пазар на Европската унија. Затоа треба целосно да бидеме посветени на градење на доверба и регионална соработка во инвестициони и трговски политики, олеснување на транспортот и почитување на постоечкото трговски договори“, рече премиерот Заев на прашањето кои се можностите за унапредување на регионалната соработка.
На панелот дискусија на кој дебатираа премиерите од Западен Балкан премиерот Заев рече дека имплементацијата на регионалната инвестициска агенда за Западен Балкан 6 ќе резултира со подобро таргетирање на земјите од регионот со посебни активности и чекори кои треба да бидат преземени на национално ниво со цел да се постигне забрзување и зголемување на економскиот раст.
Министерот за финансии Драган Тевдовски на панелот на гувернери во Европската банка за обнова и развој од Западен Балкан, на кој учествуваа министрите за финансии на Србија, Албанија, Црна Гора и Косово и министерот за економија и трговија на Босна и Херцеговина, истакна дека Владата направила крупен исчекор во надворешната политика со решавањето на спорот за името, што и донело на земјата политичка стабилност. Исто така, се реализираат реформи кои креираат повеќе можности за граѓаните, особено за младите. Тој посочи дека со влезот во НАТО се менуваат економските перспективи на земјата, како и дека се преземаат низа мерки, се инвестира во човечки капитал што ќе придонесе за забрзан и одржлив економски раст.
„Ги зголемуваме инвестициите во образованието, здравството и социјалните услуги. Она што е од особено значење е дека започнуваме нови проекти во образованието кои ќе го зголемат вработувањето на младите луѓе. Би сакал да го истакнам проектот за „дуално образование“, кој покрај стандардното средно образование ќе овозможи младите да се стекнат со вештини кај најдобрите странски компании во земјата. Со ова ќе се подобрат нивните способности и ќе им се олесни процесот на наоѓање работа во иднина“, истакна Тевдовски.
Тевдовски на панелот посочи и дека Република Северна Македонија е одлична дестинација за инвестирање со одлична бизнис клима и услови за водење бизнис, како и квалификувана работна сила.